• среда, 17 јули 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 15 август 2023 (МИА) - Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во содејство со Одделот за специјални полициски операции, денеска по претходна соработка со Регионалниот центар за гранични работи Југ, спроведе координирана полициска операција, при што, со судска наредба, извршени се претреси во дом и други простории на две локации во Неготино кај Ј.К.(23) и М.Б.(23), двајцата од Неготино, поради постоење на основано сомнение дека се сторители на кривичнo делo „Kриумчарење на мигранти“ по член 418-б став 2 вв со член 22 „Соизвршителство“ од Кривичниот законик. Притоа, од слобода бил лишен М.Б., додека за Ј.К., кој во моментот не бил затекнат, пуштен е распис за негово пронаоѓање, а против двете лица е поднесена кривична пријава. Имено, Ј.К. и М.Б., со цел стекнување на противправна имотна и материјална корист, кривичното дело го сториле организирајќи нелегално пренесување на лица илегални мигранти од територијата на Р.Грција на територијата на Р.Северна Македонија, кои потоа од страна на други лица се прифаќале и превезувале кон липковско-кумановскиот регион и понатаму се криумчареле кон Р.Србија и земјите на ЕУ. Ј.К. и М.Б. првично обезбедувале возила за превезување на илегалните мигранти, потоа со лица возачи го договарале начинот на комуникација, како и локацијата на прифаќање, рутата на превезување и засолнување на илегалните мигранти во кумановско-липковскиот регион. Така, на 18.06.2022, кога се откриени 26 лица илегални мигранти од Сирија во товарно возило управувано од Д.С.(21) и совозач М.И.(38), двајцата од Велес, на кои од страна на Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ на 19.06.2022 веќе им е поднесена кривична пријава од по член 418-б од Кривичниот законик, Ј.К и М.Б., откако го организирале криумчарењето на мигранти, ги известувале возачите кои ги превезувале мигрантите за полициските патроли и евентуална промена на рутата доколку бидат забележани од страна на полициските патроли, бидејќи биле во улога на т.н.„чистачи“ за време на криумчарењето на мигрантите.

Полициски службеници од ЕВР Чаир денеска околу 13.00 часот во атарот на викенд населба Бродец, на место викано „Раеви ливади“, ги лишиле од слобода В.Ј. и малолетник, двајцата од село Љубанци, скопско. Тие биле затекнати како со моторна пила неовластено сечат огревни дрва. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против К.Ц.(20) од село Василево, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 02.08.2023,  пријавениот со употреба на сила и со закана одзел пари од такси возач, кај кого претходно користел такси услуга.

Во СВР Скопје вчера во 12.00 часот било пријавено дека на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу М.К.(70) од Скопје и В.С., двете женски лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против 36-годишно лице од село Сарамзалино, општина Лозово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.  Пријавениот, во периодот од 19.10.2020 до 28.12.2020, додека бил одговорно лице на синдикална организација при основно училиште во Лозово, повеќе пати без покритие си префрлал пари собрани од членарина на синдикална организација на својата трансакциска сметка, со што се стекнал со вкупно 36.000 денари противправна имотна корист.

С.А.(25) од Скопје вчера во 18.30 часот во СВР Скопје пријавил дека на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од Е.А., кој употребил и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Е.О.(18) од Тетово вчера во 08.30 часот во СВР Тетово пријавил дека на улица „Мирче Ацев“ во Тетово бил нападнат од кучиња скитници, а при обид да побегне паднал и се повредил.  

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.М.(23) од село Слатино, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 01.07.2022, полициски службеници извршиле претрес во неговиот дом, при што пронашле и одзеле дигитална вага со остатоци од кокаин и марихуана.

27-годишна жена од Скопје вчера во 10.25 часот во СВР Скопје пријавила дека во домот на подрачјето на Ѓорче Петров била физички нападната од нејзиниот брат Д.С., кој ѝ се заканил со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

М.Б.(37) од Скопје вчера во 19.20 часот во СВР Скопје пријавила дека околу 18.30 часот во парк на подрачјето на Аеродром нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од едно женско лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

А.П.(57) од Кичево вчера во 23.30 часот во полициска станица пријавил дека на булеварот „Ослободување“ во Кичево бил каснат од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.А.(61) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 06.11.2022 на бул.,,Гоце Делчев“ во Гостивар, полициски службеници извршиле преглед на пријавениот, при што пронашле и одзеле хероин.

Во СВР Скопје вчера во 15.00 часот било пријавено дека на подрачјето на Бит Пазар, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.Д.(48) и А.Х.(36), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ќ.С.(54) и Ш.Ф.(31), двајцата од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 30.10.2020 на ул.„Илинденска“ во Гостивар, полициски службеници го затекнале првопријавениот при продажба на хероин на второпријавениот.

В.А.(49) од Скопје вчера во 22.50 часот во СВР Скопје пријавил дека на 10.08.2023 на подрачјето на Карпош неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетници, кои употребиле и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

П.В.(69) од Кичево вчера во 19.10 часот во полициска станица пријавил дека во Кичево бил каснат од куче скитник.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.Б.(21) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба наркотични дроги и психотропни супстанци“. На 18.12.2021 на ул.,,Кузман Јосифовски Питу“ во Тетово, полициски службеници при преглед на пријавениот, кој бил со уште едно лице, пронашле и одзеле марихуана. 

С.Ѓ.(19) од Скопје вчера во 23.30 часот во СВР Скопје пријавил дека на 13.08.2023 околу 17.20 часот, додека следел фудбалски натпревар на фудбалски стадион на подрачјето на Гази Баба, бил физички нападнат од А.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Од Јавна установа за згрижување деца вчера во 09.30 часот во Полициската станица Карпош било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник М.А.(16), кој и претходно во повеќе наврати се оддалечувал и бил враќан назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето. вј/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан