• понеделник, 25 ноември 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 9 август 2023 (МИА) - Полициски службеници од СВР Охрид вчера во 14.30 часот кај место викано „Лабино“ во Охрид го привеле А.И.(21) од Прилеп, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. Истиот ден, на плажа на брегот на Охридското Езеро бил приведен М.Б.(37) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Полициски службеници од Полициската станица Струга вчера околу 18.00 часот на улица „Владо Малески“ во Струга го лишиле од слобода Р.Ш.(32) од Струга, затоа што кај него биле пронајдени и одземени две ќеси со марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Полициски службеници денеска во 14.30 часот на Граничен премин аеродром „Св. Апостол Павле“ во Охрид ги лишиле од слобода М.В.(24), Б.И.(31) и малолетничка, сите од Република Албанија. При пасошка контрола и проверка било констатирано дека лицата на увид приложиле фалсификувани британски патни исправи. Трите лица биле предадени на Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Охрид за понатамошна постапка.

Утринава во 02.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека синоќа околу 23.00 часот во угостителски објект на подрачјето на Центар, Л.Д.(53) од Скопје и К.Ш.(61) од Канада, по претходно недоразбирање, биле физички нападнати од А.Ч.(33) и Б.И.(34), двајцата од Скопје, кои употребиле и тврди предмети. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Т.С.(71) од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 17.05.2023 на социјалната мрежа Фејсбук, на објава од веб страна на медиум, пријавениот напишал коментар со кој промовирал и поттикнувал омраза и насилство. 

Вчера во 18.15 часот во СВР Скопје, 40-годишна жена пријавила дека на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од нејзиниот брачен партнер Х.Ш.(48) од Скопје. Според пријавеното, тој со остар предмет им се заканувал и на нејзините двајца браќа. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Х.Д.(40) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „измама“. Пријавената, во текот на 2022 година во три наврати довела во заблуда три лица да ѝ дадат пари во вкупен износ од 1.200 евра, изјавувајќи лажно дека ѝ се потребни за лекување на нејзините деца и за запишување на факултет.

Во СВР Скопје вчера во 13.15 часот било пријавено дека во село Сарај, скопско, по претходно недоразбирање во сообраќајот, Н.Х.(23) од село Рашче, скопско, бил физички нападнат од Д.Б.(41) од село Глумово, скопско, кој употребил и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе известување против 16-годишник од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“. На 22.07.2023 во Кочани, пријавениот физички нападнал друг малолетник од Кочани.

Од Итна медицинска помош денеска во 05.15 часот во Полициската станица Бит Пазар било пријавено дека во хотел на бул. „Крсте Мисирков“ бил пронајден починат Д.Т.(87) од Република Турција. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено за обдукција.

П.Ј.(89) од Гостивар вчера во 14.30 часот во Полициската станица Гостивар пријавил  дека околу 09.00 часот на кејот на река Вардар, во близина на „Здуњски мост“, бил каснат од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Д.Р.(51) од село Очипала, делчевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 20.07.2023, пријавениот во својот дом чувал неврзано куче во двор кој не е заграден, без надзор и без заштитна корпа, кое ја каснало Т.С. од село Очипала и ѝ нанело повреда. 

Р.М.(44) од Кичево вчера околу 20 часот во полициска станица пријавил дека на улица „Јанко Михајлоски“ во Кичево неговата малолетна ќерка била касната од куче скитник. Истиот ден, З.Н.(33) од Кичево пријавил дека на булеварот „Ослободување“ во Кичево бил каснат од куче скитник.

Полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Битола во содејство со полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај и инспектори од Државен пазарен инспекторат Битола, денеска во периодот од 10.00 до 11.30 часот во рамки на „Безбедно лето 2023", спроведоа акциска контрола по Законот за јавна чистота. При контролата биле констатирани прекршоци по Законот за јавна чистота, продажба на земјоделски производи на јавна површина, кои биле одземени и  предадени во Казнено-поправната установа Затвор Битола. Исто така, биле констатирани и неколку прекршоци по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Л.Н.(60) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 15.07.2022 на социјалната мрежа Фејсбук, на објава од веб страна на медиум, пријавениот напишал коментар со кој промовирал и поттикнувал омраза и насилство.вј/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан