• понеделник, 23 декември 2024

Маркуш: „Агенда Европа дома“ вистински пристап за комплексните реформи кон членство во ЕУ

Маркуш: „Агенда Европа дома“ вистински пристап за комплексните реформи кон членство во ЕУ
Скопје, 16 март 2021 (МИА) - Словачкиот амбасадор во земјава Хенрик Маркуш денеска го поздрави објавениот план на Владата наречена „Агенда Европа дома“, којашто, како што рече, е вистински пристап за комплексните реформи на патот кон членство во ЕУ. -Одлучноста на Владата на Северна Македонија да ја придвижи стабилно земјата кон Европската Унија неодамна се зајакна и со Агендата наречена Европа дома, чија цел е имплементација на европските стандарди во Северна Македонија, рече Маркуш на втората сесија од Работната група 3, Поглавје 23 (Правосудство и основни права) на тема „Слободата на изразување наспроти клеветата, навредата и говорот на омраза“ на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија (НКЕУ-МК). За него, ова е вистински пристап, бидејќи, како што подвлече, „комплексните реформи не треба да бидат само направени од вашата желба за членство, туку исто така значи со длабоки реформски процеси пред или паралелно пред да почне самиот старт на преговори“. Маркуш се осврна и на проблемите во самата Европската Унија. -Унијата е во процес на трансформација од неколку причини. Сегашната пандемија ни откри некои од проблемите кои веќе ги знаеме, но исто така покажа и некои предизвици и сега ова е шанса да се видат каде се проблемите и кои промени да се направат. Во наш интерес е да понудиме шанса на сите да учествуваат во таква една дебата за иднината на ЕУ, оцени словачкиот амбасадор. Во однос на темата на Втората сесија, за слободата на изразување, Маркуш рече дека земјава е дел од тој процес на изнаоѓање солуции за овие проблеми, што, според него, може да направат контрибуција не само во нашето патешествие кон членство во ЕУ, туку исто така и земјава да даде придонес и на пошироките размислувања што ја планираат иднината на европскиот континент. -Вашата работа затоа повеќе е уште поважна. Вие работите во услови кои не се баш најповолни, но важно е процесот да почне и да продолжи натаму. Во нормални услови после оваа пандемија, треба да се дојде до решение на проблемите се со цел полноправно членство на Северна Македонија, рече Маркуш. Драган Тилев, државен советник во Секретаријатот за европски прашања, рече дека нашиот пат кон ЕУ трае повеќе од две децении и низ тој период поминуваме низ реформи и промени и сето тоа го правиме со основна цел за да бидеме демократско општество со целосен респект на темелните вредности по примерот на ЕУ. -Политичката цел е членството во ЕУ. Но примарната цел е владеење на правото, почитување на основните човекови права, слобода на изразување. Се работи за заеднички вредности кои безрезервно ги почитуаме и кон кои се стремиме, рече Тилев. Според него, клучно е што високата цел е развиена децении наназад и ни вели дека вредностите кон кои се стремиме ни требаат заради самите нас, не само заради нашето членство во ЕУ. -Тоа не неважно, но не е пресудно. Пресудно е во каква држава сакаме да живееме ние и идните поколенија, на какви вредности нив ќе ги учиме и за кои вредности ќе се залагаат и ќе ги практикуваат, рече Тиле. За да почнат промените, според него, потребна е иницијатива, но за да траат и да се одржат потребно е промените и реформите да ги прифати и да ги практикува мнозинството, за кое што вели, е најтешкиот дел од равенката. -На почетокот на годината Владата усвои План 21, а пред една недела и комплементарен план Агенда Европа дома, се со цел да се насочи и фокусира енергијата, за да се пополни празнината до почетокот на преговорите и да се продолжи со работа на реформите и да ги почнеме да ги практикуваме европските правила и стандарди дома, тоа е основната цел, подвлече Тилев, додавајќи оти е мудро да се имаат планови, бидејќи кога сме во процес на реформи и промени умно е да се има план и да се следи имплементацијата и да се корегираат работите доколку се движат во погрешен правец бидејќи ние се подготвуваме како да преговорите ќе започнат утре или многу наскоро. нд/са/  

Остани поврзан