• недела, 22 декември 2024

Маричиќ: Во преговорите со Бугарија не водат интересот за влез во ЕУ и зачувување на македонскиот јазик и идентитет

Маричиќ: Во преговорите со Бугарија не водат интересот за влез во ЕУ и зачувување на македонскиот јазик и идентитет
Скопје, 24 февруари 2022 (МИА) - Се грижиме како да ги решиме прашањата со Бугарија без да го нарушиме нашиот интерес и да ги почнеме преговорите со ЕУ. Ние имаме интерес да влеземе во ЕУ заради нас, но имаме интерес да останеме Македонци кои говорат македонски јазик. Овие два интереса не водат во преговорите, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за Канал 5,  додавајќи дека во наредните недели или месеци ќе биде познато дали ќе има договор или не. Наша цел, како што истакна, е да има сеопфатен договор каде сите барања ќе најдат свое место. Сепак, како што вели, преговорите во моментов се во критична фаза, и има интензивна комуникација на највисоко ниво. Спорот, според него, треба да се реши врз база на европските вредности. - Она што се обидуваме е да најдеме решение и формулации кои ќе бидат компромисни за сите страни без да се навлегува во нашиот идентитет и јазик. Македонскиот јазик не може да биде предмет на преговори. За нас, освен македонскиот јазик и зачувување на македонскиот индентитет ништо друго не може да биде прифатливо, нагласи Маричиќ. Според него, важно е да знаеме точно кои се нашите обврски и кои се на Бугарија, во која динамика ќе се спроведува договорот и кога ќе се тргне ветото. - Гаранцијата од Брисел е неопходна, но тоа не значи дека ќе биде дел од преговарачката рамка. Нам ни е битно тоа што ќе се постигне како договор, да го поддржи ЕУ, да сме сигурни дека тоа е тоа и дека ќе не донесе до тргање на ветото. Ова е спор во кој ние во моментов разговараме претежно билатерално, а доколку има потреба од помош ќе ја побараме заеднички, рече Маричиќ. Тој смета дека доколку го немавме Преспанскиот договор, преговорите со Бугарија сега ќе беа потешки. Во однос на дијалогот со опозицијата, Маричиќ очекува конструктивен пристап од нивна страна со желба да се реши ова прашање. - Ние се уште не сме во фаза каде има да се сподели нешто што е различно од она што е познато на јавноста и донесено во Парламентот како декларација. Треба да дадеме шанса на разговори, расположени сме за дијалог со опозицијата. Ќе дојде во некоја фаза и прашањето за Уставот така што неизбежно е да влезмеме во дијалог со опзозицијата, доколку има искрена желба за поддршка, а не само за блокада. Очекуваме конструктивен пристап со желба да се реши ова прашање, истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.мс/са/

Остани поврзан