• петок, 22 ноември 2024

Маргарита Цаца Николовска одликувана со орденот Витез од Редот на Легијата на честа

Маргарита Цаца Николовска одликувана со орденот Витез од Редот на Легијата на честа
Скопје, 18 ноември 2022 (МИА) - Првата македонска судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Франција, Маргарита Цаца Николовска, денеска беше одликувана со орденот Витез од Редот на Легијата на честа, највисоко одликување на Француската Република. Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, на свеченоста во присуство на најблиските, пријатели и соработници, ја претстави работата на судијката и истакна дека нејзината активност е суштинска и неопходна. - По извонредната кариера во највисоките судови во вашата земја, избрана бевте како прва жена македонска судијка во Европскиот суд за човекови права. Но, вашето чувство во служба на правдата не ве остави ограничена само на оваа кариера како судија, затоа што вие сте и активист и основач на Институтот за човекови права. Се чини дека тоа не ви беше доволно бидејќи се посветивте и на пренесувањето на вашето правно знаење, преку организирање на обуки и на издавање на научни написи, образложи амбасадорот. Тој дополни дека токму преку нејзината кариера, активност и заложби, како што рече „го отворивте и го покажавте патот“. - Во текот на целата ваша кариера, на брилијантен начин се зафативте да ги браните сопствените убедувања, и токму тие убедувања во секој поглед се вкрстуваат со вредностите на Франција и на Европа, правото, слободата на изразување, правото на приватност, борбата против дискриминацијата.  Во тој поглед, придонесовте Северна Македонија да стане поправедна држава и помогнавте во зближувањето на нашите две земји, посочи амбасадорот. Амбасадорот посочи дека Северна Македонија конечно влезе во нова фаза на својот пат кон европската интеграција, и според него, во оваа нова рамка, повеќе од кога било, земјата ќе мора да вложи длабоки и вистински напори во примената на новата методологија, за зајакнување на владеењето на правото и особено афирмација на целосно професионална, независна и непристрасна правда. Судијката Маргарита Цаца Николовска се заблагодари за признанието и истакна дека доделувањето на овој орден за неа претставува огромна чест и потврда на целокупната работа во нејзиниот работен век. - Овој орден за мене претставува огромна чест и потврда на целокупната работа во целокупниот мој работен век, кој што не е завршен. Јас ќе продолжам да работам сè додека физички, психички, морални, етички и други елементи се присутни, и ќе придонесувам за заштита на човековите права, нивно промовирање. Меѓутоа, најважно е она што во пракса ќе го имаме, а се надевам дека сè поголема ќе биде присутноста на мислењето дека без човекови права кој што се столб на демократијата не може да одиме напред, рече таа. Дополни дека ова е нешто кое што е голем поттик за понатаму. - Особено ми е драго што некој друг од надвор ја препознава мојата работа и што како меѓународен судија очигледно дека сум оставила впечаток и мојата работа била оценувана како позитивна, рече таа, Според министерот за правда, Никола Тупанчески, ова признание има огромен релевантен карактер. - Зборуваме за едно признание кое што има релевантен огромен карактер, не само за добитникот на признанието, туку и за нашата држава, велам, затоа што доаѓа во вистински момент, во момент кога се зголемуваат нашите амбиции и планови во однос на апроксимација кон Европската Унија, а ова е уште една потврда дека во нашата држава има луѓе кои што се движат по вистинската траекторија, во однос на заштитата на човековите слободи и права и во однос на она што се нарекува професионализам во вистинска смисла на зборот. Токму тоа е колешката Цаца, рече министерот. Дополни дека го сфаќа ова признание како огромна поддршка на Франција кон Северна Македонија во однос на остварувањето на своите цели. Орденот Витез од Редот на Легијата на честа, е највисоко одликување на Француската Република  и се доделува од името на Претседателот на Француската Република. Маргарита Цаца Николовска за судија во Окружниот суд во Скопје е именувана во 1978 година, а од 1987 година е судија во Регионалниот суд во Скопје (подоцна преименуван во Апелационен суд). Од 1997 до 1998 е судија во Врховен суд на Република Македонија. Во 1998 година беше избрана за прв македонски судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Франција и таа функција ја извршуваше до 2008 година. Во 2011 година е избрана за судија во Уставниот суд на Босна и Херцеговина, а во 2015 е назначена за потпретседател на судот. Таа е член на основачкиот одбор на Македонското Здружение на судии и претседател на неговиот комитетот за меѓународни односи. Во периодот од 1995 до 2006 е претставник на Македонското Здружение на судии во Европското и Меѓународното Здружение на судии. Во 1994 година Николовска била претседател на Комисијата за парламентарни избори и е еден од основачите, на Институтот за човекови права и негова претседателка. ар/аа/

Остани поврзан