• недела, 22 декември 2024

„Маратонот на љубовта“, 500 црвени рози и почит за Тоше на Гумење во Крушево

„Маратонот на љубовта“, 500 црвени рози и почит за Тоше на Гумење во Крушево
Крушево, 16 октомври 2022 (МИА) - Со 500 рози крушевчани напладне ги пречекаа 13-те спортисти-маратонци кои по 15-ти пат го истрчаа ултрамаратонот од Нова Градишка, Хрватска, до Гумење во Kрушево каде е вечното почивалиште на Тоше Проески. Маратонците се поклонија пред гробот на Тоше со букет од 26 црвени рози колку што имаше години Тоше Пртоески кога на 16 октомври 2007 година го загуби животот во сообраќајната несреќа кај Нова Градишка, Хрватска. Наум Капричевски, ултрамаратонец вели дека маратонот, сега наречен „Маратон на љубовт“ ќе го трчаат додека можат. - И оваа година, по 15-ти пат македонските спортисти го стартуваа ултрамаратонот од Нова Градишка во Хрватска во чест на нашиот Тоше. Еве, точно напладне денеска, на 16 октомври, живи и здрави стигнавме на Гумење во Крушево да оддадеме почит на нашата најголема мотивација и инспирација - Тоше Проески. Трчавме за великанот и, како што рече поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, војводата на песната од нашето време. Пораките по пат што ни ги испратија се - да му оддадеме почит на Тоше, да запалиме свеќа од сите, ширум Балканот, да стигнеме живи и здрави и да продолжиме да го трчаме овој ултрамаратон онолку години колку што имаме замислено, изјави Капричевски. Маратонецот Никола Ѓелов вели дека чувствата се измешани. - И оваа година го истрчавме ултрамаратонот во чест на нашата и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески. Маратонот го завршивме со измешани чувства, големи емоции, многу тажни сеќавања, вели Ѓелов. Неговите почитувачи и фанови од земјава и Балканот непоколебливо на Гумење и овој 16-ти октомври. Стела Прислан Фујс од Загреб, Хрватска која секогаш е во Крушево, и на денот на загинувањето на Тоше и на неговиот роденден вели дека додека се говори за него, Тоше е жив. - Сите го паметиме овој датум пред 15 години. И веста која пристигна. Никој не веруваше. Застанаа срцата кои го сакаа Тоше. И ден-денес е исто и го ценам секого кој зборува за Тоше, кој пишува за него, ги имитира неговите песни, кој се труди никогаш да не заборави. И додека е така, покажувате дека е жив. Маратонците ги испративме од Нова Градишка, еве ги пречекуваме овде на Гумење. Таа нивна жртва произлезе од љубов. Сите се едно за Тоше, изјави Стела Прислан Фујс. Маријана Пешева, од Благоевград, Бугарија е првпат, ама за Тоше се знае во нејзината земја. - Првпат доаѓаме, од Благоевград од Бугарија сме. За Тоше знаеме сите овие години и за неговите песни. Се слушаат, рече Маријана Пешева. Игор Блажески кој се грижи за вечното почивалиште на Тоше е сведок на бројните посетители отсекаде од светот. - Поминаа 15 години и уште не може да поверуваме дека го нема. Има премногу посетители на неговиот гроб. Доаѓаат од Хрватска, од Србија, Босна и Херцеговина, од цела Македонија, од Австралија, Германија, туристи има од секаде од светот. Кога ќе дојдат ги чувствуваат духот и делото на Тоше, рече Блажески. Младите од крушевската гимназија ги пееја песните на Тоше, допирајќи ги срцата на сите кои дојдоа да му оддадат почит на големиот музичар и хуманист, Тоше Проески. ем/мс/

Остани поврзан