• недела, 22 декември 2024

МАНУ: Промеморија за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ

МАНУ: Промеморија за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ
15 ноември 2020 Промеморија за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ Имајќи ги предвид: – Повелбата на ОН и универзалните придобивки кои произлегуваат од неа, посебно член 1, став 2 кој го гарантира правото на самоопределување како темелно начело на меѓународното право со еrga omnes статус; – Лисабонскиот договор (член 2, став 3, алинеја 4) со кој се инсистира на почит кон богатиот културен и јазичен диверзитет на Европа; – Меѓунaродниот пакт за економски, социјални и културни права (1960) и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (1960) кои го реафирмираат правото на сите народи на самоопределување како задолжително (jus cogens); – Уставот на Република С Македонија кој во член 8 утврдува дека една од темелните вредности е почитувањето на нормите на меѓународното право, а со амандманите XXXV и XXXVI кон член 3 гарантира дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, како и дека „Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ“; Потсетувајќи дека: – правото на самоопределување на народите е неразделно од државниот и национален идентитет; – македонскиот народ ја искажувал и ја докажувал научно посебноста на својот историски, културен, јазичен, политички идентитет во континуитет, а особено во текот на 19 и 20 век, во текот на својата борба за национално ослободување и државно осамостојување, како и во рамките на македонската република во составот на југословенската федерација (1945 – 1991), односно во рамките на независна и суверена Република Македонија (1991 – 2019); Повикувајќи се на: – Промеморијата на МАНУ во врска со спорот околу името на Македонија од 2002 година; – Декларацијата на МАНУ за македонскиот јазик од 5 декември 2019 година; Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите ги поддржува напорите на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ, залагајќи се, притоа, за почитување на: – меѓународните повелби и конвенции од коишто произлегуваат и неотуѓивите и суверени права на македонскиот народ на самоопределување, тесно поврзани со неговиот државотворен статус и национален, историски, културен и јазичен и номинален идентитет; – резултатите од легитимните пописи на населението изведени во неколку наврати во некогашната Федеративна Република Југославија (1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991) и во Република Македонија (1994, 2002), кога Македонците по своја слободна волја се изјасниле за припадници на посебен етнички и национален ентитет; – резултатите од двата референдума, во 1991 и во 2018 година, кои ја озаконија свеста и волјата на македонските граѓани и на македонскиот народ и го легитимираа нивното неприкосновено право на самоопределување и самоименување; – сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, современата светска славистика и лингвистика, современата светска историска наука, и меѓународното право, според коишто:  македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години);  македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор; – достоинството на македонскиот народ.   Претседателство на Македонската академија на науките и уметностите ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан