• петок, 22 ноември 2024

Манастирскиот комплекс во Калишта го слави патронот, Рождество на пресвета Богородица

Манастирскиот комплекс во Калишта го слави патронот, Рождество на пресвета Богородица
Струга, 20 септември 2021 (МИА) – Со црковно-народен собир во манастирскиот комплекс во струшкото село Калишта вечерва и утре се одбележува патронот, големиот христијански празник Рождество на пресвета Богородица или кај народот познат како мала Богородица. Верниците во редици, почитувајќи ги протоколите за заштита од Ковид – 19, се поклонуваат пред чудотворната икона на Богородица во црно, за која се верува дека има исцелителна моќ и е единствена на Балканот. За чудотворната моќ на иконата на Мајката Божја со црн лик, говорат преданијата кај локалното население. Тука доаѓаат и христијани и муслимани да запалат свеќа за здравје и да се помолат. Се верува дека им помага на бездетните, а тоа го потврдуваат брачни парови кои немале деца и по добивањето пород доаѓаат да се поклонат и заблагодарат за дарот што го добиле. За нејзината моќ говорат и сведоштва дека жена инвалид станала од количката и проодела за време на една од литургиите во манастирот. Во манастирскиот комплекс Рождество на пресвета Богородица, сместен на брегот на Охридското Езеро, покрај истоимената црква, се наоѓаат и две пештерски цркви, посветени на Мајката Божја и свети Атанасиј Велики, како и црква посветена на „Свети Петар и Павле“, од каде извира лековита вода, што помага на луѓе кои патат од главоболки или имаат проблеми со очите. сс/бак/

Остани поврзан