Макрон: Царините што ги наметнуваат силните држави се форма на уцена
- Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека царините што ги наметнуваат силните држави често се користат како инструмент на уцена, а не за балансирање на меѓународната трговија.
Севиља, 30 јуни 2025 (МИА) – Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека царините што ги наметнуваат силните држави често се користат како инструмент на уцена, а не за балансирање на меѓународната трговија.
На Меѓународната конференција за финансирање на развојот во Севиља, Макрон истакна дека светската трговија треба да се врати на основните принципи на слобода и еднаквост, а не да се води преку „трговски војни“ и еднострани мерки.
- Царините што ги воведуваат економски најмоќните земји, често се обид да се изврши притисок – не праведна економска корекција, рече Макрон, не именувајќи директно ниту една земја.
Изјавата доаѓа во време на завршни трговски преговори меѓу ЕУ и САД пред рокот што го постави американскиот претседател Доналд Трамп – 9 јули. Тој претходно најави нови глобални царини од 10 до 50 отсто, чие воведување привремено го одложи за три месеци.
Макрон повика и на реформа на Светската трговска организација, со цел таа да придонесе за борбата против нееднаквоста и климатските промени. ссм/
фото: ДПА