Македонските војници мировници и во мисии и на вежбите со сојузниците
- Мировни операции во патроли со возила и пеш, обезбедување на база, ескорт на конвои, но и проигрување на голем број инциденти како наидување на раселени лица, напад на конвои и патроли и реал
Скопје, 23 мај 2021 (МИА) - Мировни операции во патроли со возила и пеш, обезбедување на база, ескорт на конвои, но и проигрување на голем број инциденти како наидување на раселени лица, напад на конвои и патроли и реализација на голем број на боеви гаѓања се темите на увежбување во првата недела од воена вежба „Одлучен удар 21“ која се одржува на Армискиот полигон криволак од 17 мај до 2 јуни 2021 година.
Македонската Армија, во една од вежбите, ја покажа својата подготвеност и способност на дело каде на мирен начин го продолжи движењето на воениот конвој кој требаше да достави помош од храна и лекови во едно село, а беше пресретнат од поголема група мигранти кои го блокираа патот на армиските возила.
Ова е една од повеќето успешни симулации на инцидент кои ги изведе Вториот пешадиски баталјон на Армијата на Република Северна Македонија, кој е и декларирана единица, во рамки на воената вежба “Одлучен удар 21”.
Со околу 1500 армиски припадници од четири земји, мултинационалната вежба „Одлучен удар - 21“ е првата вежба која е организирана и предводена од Армијата на Република Северна Македонија по членството во НАТО, заедно со Армијата на Соединетите Американски Држави, во која учествуваат уште две армии на членки на Алијансата, Бугарија и Грција, како дел од заедничката програма за вежби на USEUCOM-AF. Вежбата е дел од најголемата НАТО вежба оваа година на тлото на Европа, Европски бранител 21 односно, „Defender Europe21” предводена од Армијата на САД, која се изведува на територијата на 12 држави на 30 воени полигони, со учество на 27 земји, со 28.000 војници.
Сценариото на „Одлучен удар 21“ е демонстрирање подготвеност со употреба на кредибилна колективна одбрана, кое вклучува комјутерски поддржани вежби, теренска обука и вежби со боеви гаѓања. Синхронизација на комбинирани вооружени сили и потврда на тактиките, техниките и процедурите со другите земји учеснички на НАТО за спроведување на координирани конвенционални и здружени операции во урбана средина во сите временски услови. Подобрување на нивото на интероперабилност на декларираните состави и извежбување со земјите партнери.
Вежбата, меѓу другите цели, го промовира полигонот „Криволак“, како и неговите капацитет за обука, ги потврдува националните партнерски процедури RSOI (Reception, Staging, Onward Movement and Integration), ја потврдува ефективност во командувањето при реализација на процесот на донесување на воена одлука (ПДВО), преку користење на аналогни и дигитални процеси, како и градење на подготвеност и меѓусебна оперативна синхронизираност помеѓу армиите на НАТО и партнерските армии низ широк спектар на речиси симултани операции кои се изведуваат во повеќе зони.
За предвидените активности четирите армии користат муниција за пешадиско вооружување калибар 5,56 мм, 7,62 мм, 7,9 мм и артилериска муниција 82 и 120 милиметри, а симулациите се изведуваат со хелихоптерите МИ 7/18 и 24, како и со оклопните транспортери Хермалин и Хамер.
Директорот на вежбата, полковник Блаже Николовски на брифингот за вежбата рече дека „Одлучен удар - 21“ е извонредна можност за јакнење на интероперабилноста на македонската армија со останатите земји учеснички во неа и сојузници од НАТО, зголемување на борбената готовност и потврда на напорите за трансформација на Армијата.
Командантот на баталјонот, потполковник Стојанче Костов појасни дека лесниот пешадиски баталјон е примарна единица и најголем НАТО капацитет, кој учествува на оваа вежба. Вежбата се базира на фиктивно сценарио кое има цел да демонстрира подготвеност на НАТО силите за колективна одбрана, која подоцна ќе премине во против напад, појасни Костов.
-Целта на цежбата е покажување на интероперабилност, помеѓу нашите и НАТО партнерите. Таа се базира на фиктивно сценарио кое има цел да демонстрира подготвеност на НАТО силите за изведување на колективна одбрана која подоцна ќе премине во против напад. Лесниот пешадиски баталјон има повеќе цели за исполнување на вежбата, а една од целите е и покажување на моменталната подготвеност. На вежбата учествува и четвртата бригада за асистенција и поддршка на армијата на САД која со своите три тима врши обука и советување на лесниот пешадиски баталјон, кои тимови до крајот на годината ќе бидат со нашата единица и ќе вршат обука, истакна Костов.
Според портпаролот на Генералштабот на Армијата потполковник Тони Јаневски, вежбата има цел да ја покаже интероперабилноста и нашата подготвеност со НАТО партнерите да изведуваме заеднички активности во мировни операции и други вежбовни активности.
-Армијата на Република Северна Македонија и Генералштабот ги вложија сите капацитети во однос да се прикажеме во најдобро светло како би можела да изгледа една вежба која е достојна за секој НАТО партнер, односно како рамноправна земја членка на Алијансата, потенцира Јаневски.
Највисокиот воен претставник од НАТО, бригадниот генерал Џонатан Честнут оцени дека заедничкото и напорно работење, одржувањето на колективниот дух, единството и солидарноста го прават овој сојуз посебен. И директорот на вежбата, полковник Блаже Николовски, порача дека успехот на „Одлучен удар 21“ е во рацете на сите учесници на вежбата и дека само со заедничка работа ќе се успее да се зголеми искуството и знаењето.
На вежбата и претходеа неколкумесечни индивидуални и колективни теренски подготовки во разни ситуации за успешно извршување на поставените задачи, кои се изведуваат на вежбата, а инженерците со сојузничките војски изградија целосен пристап до полигоните како и изградба на складиште на полигонот и подвижни цели за оклопни возила.
Во рамки на вежбата ќе биде реализирана и цивилно воената соработка преку која ќе биде донирана противпожарна опрема на противпожарното друшво во општина Конче, а локалното училиште во село Брждани во Кичево ќе добие донација контејнер.
Се со цел заштита на животната средина, стручни лица од Универзитетот „Гоце Делчев” Штип ги следат параметрите за квалитет на воздух на полигонот, а резултатите се достапни за јавноста.
Борис Куноски
фото: Дарко Попов