• вторник, 05 ноември 2024

Македонија во портокалова фаза, Владата со препораки за топлотниот бран

Македонија во портокалова фаза, Владата со препораки за топлотниот бран

Скопје, 11 август 2024 (МИА) - Владата на Република Северна Македонија на барање на Министерството за здравство донесе препораки во врска со новиот топлотен бран што се очекува да ја зафати државата откако од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи се добиени информации за појава на топлотен бран во траење од два дена и тоа во периодот од 12 до 13 август 2024 година.

Во препораките за намалување на ризиците од високите температури што ги усвои Владата на денешната седница се предвидува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години од 12.08.2024 до 13.08.2024 година (понеделник и вторник).

Во истиот период, работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Владата препорачува и во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Воедно, единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.

Во денешното соопштение од владината прес-служба се додава дека со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, Владата ги потсетува работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Од Управата за хидрометеоролошки работи, претходно информираа дека од утре до крајот на седмицата нѐ очекува претежно сончево и многу топло време.

Топлото време е под влијание на многу топла воздушна маса од југ, а особено топло ќе биде до среда, кога дневната температура наместа ќе надминува 40 степени Целзиусови и на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури. 

И покрај високите температури, од УХМР соопштуваат дека од среда до петок во попладневните и вечерните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и град. ар/ев/

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан