• понеделник, 23 декември 2024

Македонец со идеја за ново, електрично „Југо“

Македонец со идеја за ново, електрично „Југо“
Скопје, 27 септември 2021 (МИА) - Со едноставноста што ја покажа откако 1980 година беше пуштено в продажба, „Југо“ имаше свој шарм и им понуди евтин автомобил на луѓето на СФР Југославија. Возилото во 1985 година „слета“ и на американска почва. И, иако работите не одеа најдобро во САД за фабриката со седиште во поранешна Југославија, автомобилот сепак успеа да добие статус на познат автомобил и „преку барата“. Македонскиот дизајнер Дејан Христов, инспириран од култниот статус на возилото, замисли нова верзија на овој едноставен градски автомобил со електричен погон. Со оглед на тоа што тој сѐ уште може да се види на патиштата, современата изведба треба да сподели и нешто повеќе од својот претходник. Дејан ги користи препознатливите стилски мотиви, како што се закривена хауба, хоризонтална линија на знаците и карактеристичната задна страна. Спортскиот изглед, пак, се постигнува со повеќе испакнати и продолжени браници, црни А-столбови и потенки ЛЕД-светла. Притоа, тој избрал и добро познати споменици низ поранешна Југославија, пред коишто виртуелно го поставил својот „автомобил на иднината“. Доколку оваа дигитална замисла стане реалност, конкуренцијата би била во „Пежо e-208“, „Опел корса“, „Рено 5“ и Хонда Е“, а цената би била блиску до онаа на „Дачија спринг“. „Југо“ се произведуваше меѓу 1980 и 2008 година во Крагуевац, Србија, и беа произведени вкупно 794.428 единици. Заснован е на „Фиат 128“, со погон на предните тркала и мотори со четири цилиндри. Во САД, претприемачот Малком Бриклин продаде вкупно 141.651 автомобил од 1985 до 1992 година, но и покрај одличниот почеток поради ниските цени, прашањата за квалитетот и сигурноста сериозно го нарушија угледот на југословенскиот автомобил. Во 1987 година беа продадени 48.812 возила, а веќе во 1992 година се продадени само 1.412 примероци. Дејан Христов замислува нова ера за „Југото“ и има намера да го испрати својот проект до српската Влада. Тој, исто така, посочува дека и хрватски „Римац автомобили“ би можеле да учествуваат во проектот, додека производството може да оди во фабриката на „Стелантис“ во Крагуевац, или некоја кинеска компанија. Притоа, литиумот за батерии од тукашни извори ќе ја намали и цената на батериите. Сепак, засега, сѐ останува на овие занимливи виртуелни скици.  си/

Остани поврзан