• понеделник, 23 декември 2024

Луѓето постари од 50 години најподложни на дезинформации

Луѓето постари од 50 години најподложни на дезинформации
Берлин, 19 април 2022 (МИА) - Дезинформациите за војната во Украина, пандемијата и другите актуелни настани претставуваат закана пред сѐ за постарите корисници на Ватсап, Фејсбук и другите социјални мрежи, тврдат политиколозите специјализирани за ширење лажни вести. - Генерацијата што подоцна се спои со дигиталната ера е најподложна на влијанието на лажните вести. Постарите луѓе, кои стапиле во контакт со платформите за пренесување пораки подоцна во нивните животи, се соочуваат со емоционално исполнета содржина за руската инвазија на Украина, што може да ја земаат здраво за готово, смета Јозеф Холнбургер, директор на германскиот непрофитен Центар за мониторинг, анализа и стратегија, кој се занимава со теории на заговор и екстремистичка содржина. Тој вели дека затоа треба да има едукативни кампањи насочени кон луѓето над 50 години. - Официјалните лица кои сакаат да се вклучат во онлајн кампањи против дезинформацијата и теориите на заговор треба да се сосредоточат на постарите интернет корисници. Таканаречените „дигитални староседелци“, односно оние кои пораснале со посилни медиумски вештини, можат да разговараат со постарите членови на семејството за можните ризици од користењето интернет. Проблемот со недостигот на медиумски компетенции не е толку изразен кај децата на училишна возраст, посочи Холнбургер. Повеќе од 60 стручњаци кои учествуваа во истражувањето на Фондацијата Водафон летото 2021 година, ја потврдија оваа оценка. Тие сметаат дека повозрасните луѓе се „речиси двојно поранливи на дезинформациите“ отколку адолесцентите и помладите возрасни (74 отсто наспроти 40 отсто). - Луѓето кои можеби воопшто не ги доживуваат дезинформациите како дезинформации, туку како (вистински) информации, се оние на кои најлесно може да се влијае, вели Холнбургер. Тоа значи дека во иднина ќе бидат потребни уште многу повеќе организирани едукативни услуги за луѓето кои лесно паѓаат под влијание на лажните вести.  си/ссм/

Остани поврзан