• петок, 05 декември 2025

Лула: БРИКС нема за цел да им контрира на Г7, Г20 или САД, само сакаме да се организираме

Лула: БРИКС нема за цел да им контрира на Г7, Г20 или САД, само сакаме да се организираме

Преторија, 22 август 2023 (МИА) - Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва денеска изјави дека земјите-членки на БРИКС немаат цел да предизвикаат други меѓународни организации или актери како Г7 или САД, туку да го „организираат Глобалниот југ“. 

-Не сакаме да бидеме контрапункт на Г7, Г20 или САД. Ние само сакаме да се организираме, рече Лула за време на неговото обраќање на самитот на БРИКС во Јужна Африка, пренесуваат британските медиуми. 

Лула уште еднаш се заложи за воспоставување заедничка валута за земјите од БРИКС, со оценка дека овој потег нема да има за цел да го „отфрли“ американскиот долар, туку да ја олесни трговијата на земјите во развој со сопствените валути. 

Зборувајќи за членството во БРИКС, тој рече дека поддржува други земји да влезат во организацијата, чии членови во моментов се Кина, Бразил, Индија, Русија и Јужна Африка, но со одредени услови и додаде дека организацијата не смее да стане „Вавилонска кула“. 

-Сакаме БРИКС да биде мултилатерална институција, а не ексклузивен клуб, рече Лула и нагласи дека особено се залага Аргентина да се приклучи. 

Јужноафриканските власти наведуваат дека над 40 земји изразиле интерес за приклучување кон БРИКС. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан