• понеделник, 23 декември 2024

Локалните избори оценети како фер и демократски, родова нееднаквост и меѓу новите градоначалници

Локалните избори оценети како фер и демократски, родова нееднаквост и меѓу новите градоначалници
Скопје, 2 ноември 2021 (МИА) - Локалните избори генерално поминаа во фер и демократска атмосфера, но и овој пат беа регистрирани кршење на изборниот молк, притисоци, злоупотреба, дезинформации и говор на омраза. И покрај ветувањата и наводните заложби од политичките партии, сепак само две жени ќе раководат со локалните самоуправи од вкупно 80 општини и Градот Скопје, што повторно го потврдува проблемот со родовата нееднаквост во земјава. - Сметам дека изборениот ден помина мирно во демократска и фер атмосфера каде што беше слободно изразена волјата на секој гласач, изјави вчера претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски. Тој им се заблагодари на сите граѓани за, како што рече, високото ниво на демократска свесност која ја покажале, но и на сите изборни органи за професионално работење и почитување на Изборниот законик, на медиумите за професионалниот однос и известување за изборите, на учесниците во изборите и кандидатите за креирањето на поле за фер натпревар на домашните и меѓународните набљудувачи за придонесот на демократскиот амбиент во кој се одвиваа изборите и за почитувањето на кодексот за набљудување. - Изборите беа поразлични од сите претходни бидејќи пред сите нас имаше поинаква задача, успешно воведување на технологија за биометриска идентификација на гласачите. ДИК и сите чинители беа исправен пред голем предизвик. Оваа законска обврска за воведување биометриска технологија за првпат претставуваше голема привилегија, но и голема одговорност. Употреба на биометриските системи во изборните процеси овозможува да се пресретнат предизвиците вклучени во спроведување на принципот еден гласач еден глас, што е неопходно за одржување демократски, фер и транспарентни избори, рече Даштевски. Тој информираше дека тече рокот за поднесување приговори за овластените претставници, кој истакува утре во 14 часот. Прелиминарните наоди од набљудувачката мисија на ОДИХР за вториот круг од Локалните избори 2021 посочуваат дека тој бил во натпреварувачки дух и изборната администрација вложила напори да одговори на некои процедурални недостатоци од првиот круг, но негативната реторика и наводите за притисок врз гласачите и кандидатите продолжилр да имаат негативно влијание на изборите. Шефицата на Мисијата, Тана Де Зулиета,  вчера истакна дека лицата што ги спроведувале изборите ги извршиле техничките подготовки за вториот круг на избори во законските рамки, при што по преземените мерки да се одговори на техничките проблеми од првиот круг, вчерашниот изборен ден се одвиваше непречено, но како што посочи таа и понатаму се забележувале некои недостатоци. Таа додаде дека поради несоодветно постапување по приговорите била отежнета ефективната употреба на правните лекови со што некои лица биле лишени од правото на глас. - Додека од кандидатите во вториот круг се бараа финансиски извештаи тие не беа објавени пред гласањето. Од оваа причина, како и поради недоволните информации објавени во јавноста за отчетноста во врска со финансирањето во кампањата во првиот круг се намали транспарентноста, забележуваат од Мисијата на ОДИХР. Во однос на известувањето на медиумите, набљудувачите од ОДИХР посочуваат дека радиодифузерите кои биле мониторирани обезбедиле доволно информации на гласачите за кандидатите, а вестите биле неутрални. Воедно се посочува дека најголемите парламентарни партии уживале систематска предност во поглед на поделбата на јавните ресурси за водење кампањи и известувањето и рекламирањето во медиумите, со што независните кандидати и кандидатите од помалите партии биле во значително незавидна положба. - Може да се стори повеќе за изборите во Северна Македонија да бидат поинклузивни за независните кандидати, како и за оние што ги застапуваат помалите партии. Со подобрувања на изборната рамка за да се постигне рамнотежа со тоа што ќе се договори на системските нееднаквости во можностите за водење кампања, како и да се насочи вниманието на начините на кои ќе се зголеми учеството на жените во политичкиот живот, рече Де Зулиета, која посочи дека само шест од 88 кандидати за градоначалници во вториот круг биле жени. Главниот и одговорен уредник на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, посочи дека изборната администрација не била подготвена по многу основи, помеѓу кои ги издвои уредите за биометриска идентификација на гласачите, кои, како што рече, не функционираа насекаде. - Не само затоа што беа лоши самите уреди, тие се нови, и имаат добри перформанси, меѓутоа, не беше подготвен самиот систем за оваа операција која чинеше 11 милиони евра пари на граѓаните. Системот беше далеку од подготвен, истакна Дерала. Како што посочи тој, се работи за илјадници случаи за кои не може да се процени штетата, а таа, според него, се мери во луѓето кои се откажале од гласањето токму поради тоа што не можеле да бидат идентификувани. Дерала ги посочи и неконзистентностите на изборниот законик, како и начинот на кој работела изборната администрација на пониските нивоа. - Официјалниот законик доживеа уште една измена на само еден месец пред гласањето, се менуваа, па се повлекуваа одредени одлуки. Таква беше и одлуката за тоа дали да има печат на избирачкото ливче или да нема, на само пет, односно четири дена пред гласањето, посочи тој. Што се однесува до политичката оценка, Дерала рече дека ова е изборен процес кој што беше уште еден во серијата слободни, фер и демократски изборни процеси, меѓутоа, „неизбежни се прашањата за тоа колкава сума црни пари течеше низ земјава“, за што очекува од институциите да кажат дали имале сознанија за криминал поврзан со политичкото финансирање. Грубо кршење на изборниот молк, како што оцени, се бележи од првата минута по неговото настапување на полноќ 31 октомври и на полноќ на 16 октомври, во пресрет на првиот круг. - Политичките субјекти се впуштија во интензивна операција за оцрнување на политичкиот противник како да се работи за смртен непријател. Во оваа операција предичеше ВМРО-ДПМНЕ која на теренот демонстрираше беспримерна агресивност, вели тој. Дерала истакна дека ЦИВИЛ документирал десетина случаи на непристапност на гласачките места, а во два случаи бележи и индикација за изборен поткуп. Семејното и групно гласање од избори во избори, според ЦИВИЛ, е во надолен тренд, меѓутоа, се бележи и во вториот и во првиот изборен круг, нешто повеќе од 10-тина случаи. Од ЦИВИЛ забележаа дека не изостана ниту славеничкото пукање во двата круга, што е строго забрането според законот. По овие локални избори, само две жени ќе раководат со локалните самоуправи од вкупно 80 општини и Градот Скопје, што го повторно го потврдува проблемот со родовата нееднаквост во земјава. Имено, Данела Арсовска и Жаклина Јовановска се единствените избрани градоначалнички. Град Скопје првпат доби градоначалничка, откако независната кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Данела Арсовска го победи противкандидатот Петре Шилегов, кој раководеше со Градот во изминатите четири години. Победи и Жаклина Јовановска од СДСМ, која и досега беше градоначалничка на Старо Нагоричане. Според родовата застапеност, од вкупниот број кандидати за градоначалници на Локалните избори 2021, 91,64 проценти беа мажи, а само 8,36 отсто жени. Согласно објавените првични официјални податоци ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во вториот круг од Локалните избори освои градоначалнички места во 20 општини и тоа во Битола, Брвеница, Василево, Вевчани, Гевгелија, Демир Хисар, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Пехчево, Охрид, Ранковце, Ресен, Чешиново-Облешево и Радовиш. Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ освои градоначалнички места во седум општини - Демир Капија, Пробиштип, Росоман, Старо Нагоричане, Чашка, Чучер Сандево и Центар. Седум градоначалнички места во вториот круг освои и ДУИ и тоа во Арачиново, Боговиње, Долнени, Кичево, Струга, Теарце и Чаир. Алијанса за Албанците и Алтернатива има градоначалници во Врапчиште и Гостивар, а БЕСА во Желино и Тетово. ГРОМ има градоначалник во Карпош, ДПА во Студеничани, а коалицијата на ЛДП и ДОМ освои градоначалничко место во Шуто Оризари. Независни кандидати победија во Дебрца, Куманово и Скопје. Во првиот круг од гласањето, од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалници беа избрани во: Аеродром – Тимчо Муцунски, Босилово – Ристо Манчев, Бутел – Дарко Костовски, Велес – Марко Колев, Виница – Миле Петков, Гази Баба – Бобан Стефковски, Ѓорче Петров – Александар Стојковски, Градско – Киро Нацков, Зрновци – Борчо Коцев, Илинден – Александар Ѓоргиевски, Јегуновце – Димитар Костадиновски, Кавадарци – Митко Јанчев, Карбинци – Виктор Паунов, Могила – Драганчо Сабатковски, Неготино – Горан Стојанов, Новаци – Стевче Стевановски, Петровец – Борче Митевски, Прилеп – Борче Јовчевски, Свети Николе – Дејан Владев, Сопиште – Стевче Трпковски, Штип – Иван Јорданов. Од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ избрани градоначалници има во општините Берово – Звонко Пекевски, Богданци – Блаже Шапов, Валандово – Перо Костадинов, Делчево – Горан Трајковски, Дојран – Анго Ангов, Крива Паланка – Сашко Митовски, Кривогаштани – Николче Мицковски, Крушево – Томе Христовски, Струмица – Констадин Костадинов, во Липково и Сарај во првиот круг има избрано двајца градоначалници од ДУИ, тоа се Еркан Арифи, односно Блерим Беџети. см/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан