Личната претставничка на ОН за кипарското прашање: Лидерите треба да донесат одлуки за напредок во мерките за градење доверба
- Обединетите Нации, јас и генералниот секретар правиме сè што можеме, но лидерите треба да донесат одлуки, нагласи личната претставничка на генералниот секретар на ОН за кипарското прашање Марија Анхела Олгин во однос на тоа дали постојат реални изгледи за спроведување мерки за градење доверба меѓу двете страни, јави дописничката на МИА од Атина.
Никозија, 12 септември 2025 (МИА) – Обединетите Нации, јас и генералниот секретар правиме сè што можеме, но лидерите треба да донесат одлуки, нагласи личната претставничка на генералниот секретар на ОН за кипарското прашање Марија Анхела Олгин во однос на тоа дали постојат реални изгледи за спроведување мерки за градење доверба меѓу двете страни, јави дописничката на МИА од Атина.
Олгин, која е во посета на Кипар денеска се сретна со кипарскиот претседател Никос Христодулидис, а в понеделник ќе разговара со лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар.
- Доаѓам за да го подготвам состанокот во септември со генералниот секретар и двајцата лидери. Сакам да го информирам генералниот секретар каква е ситуацијата на островот, каква е климата. Затоа сум тука, рече Олгин по средбата со Христодулидис, додавајќи дека сака да добие целосна слика за тоа како стојат работите.
Објасни дека ќе ги продолжи своите контакти во наредните денови.
Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис на денешниот брифинг со новинарите рече дека Христодулидис на средбата со Олгин „го повтори ставот на Република Кипар за продолжување на преговорите, врз основа на резолуциите на ОН и меѓународното право“.
- Средбата се одржа во пресрет на претстојната средба на претседателот со Татар, во присуство на генералниот секретар на ОН. Република Кипар останува посветена на принципите на ОН и ЕУ за повторно обединување на Кипар, посочи Летибиотис. ср/
Фото: Кабинет на кипарскиот претседател