• понеделник, 23 декември 2024

Лицата со попреченост на пазарот на труд - законите да не се носат само на хартија, а работодавците да ги согледаат нивните потенцијали

Лицата со попреченост на пазарот на труд - законите да не се носат само на хартија, а работодавците да ги согледаат нивните потенцијали
Скопје, 10 април 2022 (МИА) - Лицата со попреченост и покрај сите донесени законски обврски се уште се соочуваат со разни предизвици и дискриминација во општеството, особено кога станува збор за нивно вклучување на пазарот на трудот. Граѓанските организации во земјава сметаат дека правната рамка за лицата со попреченост не е соодветна за потребите на овие граѓани. Тие велат дека доколку лицата со попреченост не учествуваат во носењето на одлуките, тогаш не ги ни знаат вистински нивните потреби. Повеќе невладини организации во државава што се бават со оваа проблематика, бараат и квоти на застапеност на лицата со попреченост во политичкиот живот, слично како што има и застапеност по основа на пол. Потребно е и да се работи на зајакнување на свеста кај работодавците во поглед на вработување на лицата со попреченост. Во извештајот од Европската комисија во 2021 година во Поглавјето 19 се наведува дека државата треба да посвети посебно внимание на ефективно спроведување на активни мерки за вклучување на лицата со попреченост на пазарот на трудот, обезбедувајќи соодветна контрола и евалуација на мерките. Во земјава со техничка помош на Светската банка во тек е проект што ќе им овозможи вработување на лицата со попреченост, преку воведување на нов модел и нова законодавна рамка. Како што најави неодамна министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска на сесијата на НКЕУ-МК „Предизвиците во вклучувањето на лицата со попреченост на пазарот на трудот: европски практики и национални можности“, целта на оваа активност е проширување на можностите на вработување на лицата со попреченост и подигање на нивната инклузивност на пазарот на труд. Според неа, со воведувањето на новиот модел за вработување, целта е да се унапреди пристапот на лицата со попреченост до можностите за вработување и успешно да се придонесе кон подигање на нивната благосостојба, и наместо да бидат вклучени во системот на социјална заштита, да можат самостојно да обезбедуваат егзистенција за себе и за своите семејства. Таа додаде дека поддршката од државата на овие лица е целосно насочена кон нивното вработување на отворениот пазар на труд и нивна целосна интеграција и социјализација. Новиот модел на вработување на овие лица се планира да се имплементира етапно и чекор по чекор. - Во делот на подготовката на самото законско решение ќе бидат консултирани, односно ќе се прават компаративни анализи со добрите практики од останатите земји за да ги извлечеме позитивните примери од земјите во регионот, но и пошироко, оцени Тренчевска. Во координација со Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Владата во март месец донесе Уредба за правата на лицата со попреченост и други лица да бидат ослободени од партиципација за студирање. Со Уредбата, ним ќе им се овозможи да ги остварат сопствените потенцијали и личен развој на еднаква основа со сите други граѓани да бидат вклучени во високообразовните процеси, а за образовните институции поттик да ги прилагодат условите и програмите за образование за овие лица, со цел да развијат компетенции согласно сопствените преференци и да станат конкурентни на пазарот на трудот. Меѓутоа, експертите сметаат дека законите се носат само за на хартија и прашање е колку навистина ќе го променат животот на лицата со попреченост. Колку лицата со попреченост се вработени, кои се европските стандарди и практики за поголема ефикасност во економската инклузија на овие лица и што треба да се промени за приближување кон европските норми? Каков е пристапот на работодавачите во процесот на економска инклузија на лицата со попреченост, МИА разговараше за овие прашања со домашни и странски експерти. Словачката експертка за инклузија на лицата со попреченост, Ана Подлесна, во разговор за МИА за словачките искуства со инклузија на лицата со попреченост на пазарот на трудот, оцени дека правната рамка не е гаранција за вработување на лицата со попреченост. - Пазарот на труд е многу динамичен за ефикасно да одговори на предизвиците поврзани со вработување на лицата со попреченост. Тоа бара соработка со повеќе засегнати страни - родителите, лекарите, училиштата, државни агенции за поддршка за вработување (стручна рехабилитација, обука за работа), како и обуки за јакнење на свеста на работодавачите за лицата со попреченост. Исто така, важно е да се разбере како ќе се дефинира лицето со попреченост во вашата законска рамка во однос на вработувањето. Секогаш се појавуваат нови потреби и законодавството не е секогаш флексибилно за да одговори навремено на нив, вели таа. Подлесна, која е и менаџер за корпоративна општествена одговорност - „Професија“ во Братислава, вели дека и во Словачка нема системска поддршка за поддржано вработување и оти не постои јасен и прецизно дефиниран концепт за работна рехабилитација и преквалификација во Словачка. На прашањето на МИА да наведе практични примери за вклучување на лицата со попреченост на пазарот на трудот, таа вели дека кога станува збор за вработувањето, тоа зависи пред се од лицето со попреченост - неговите вештини, способности, мотивацијата за работа и исто така неговите ограничувања. - За жал, многу од работодавците не ги согледуваат нивните потенцијали, и ги земаат предвид само за извршување поедноставни работи. Можам да го споделам нашето искуство во „Професија“. Ние сме компанија со 110 вработени. Нашата програма за вработување е отворена за секој што ги исполнува нашите критериуми за вработување. Согласно нашите закони, имаме статутарна обврска да вработиме лица со попреченост до 3,2 отсто од вкупниот број вработени, бидејќи имаме над 20 вработени, истакна Подлесна. Сепак, како што појаснува таа, ова нема улога во процесот на вработување. - Ние го исполнуваме ова барање од законот преку договори со заштитните друштва. Имаме вработено двајца колеги со попреченост со полно работно време и не ги вработивме поради нивната попреченост, туку поради потенцијалот да одговорат на нашите барања за работни обврски, истакна таа. Подлесна наведе дека во август 2020 година „Професија“ спровела анкета меѓу стотина работодавачи на отворениот пазар на труд во Словачка. - Ги прашавме „Со каков тип на бариери и стравувања сте се соочиле кога станува збор за вработување на лица со попреченост?“ Најголем дел од работодавачите кои имаат вработено лица со попреченост, кажаа декасе загрижени оти лицата со попреченост може да земат слободни денови поради здравствени проблеми, работната сила, безбедноста на работното место, комуникациските вештини, мотивацијата за работа, квалификациите, справувањето со конфликти ситуации, појаснува Подлесна. Кај работодавците кои немаат вработено лица со попреченост, додава Подлесна, најголеми стравувања се пречки на работното место, безбедност на работното место, недостиг на време за надгледување на работата на лицето со попреченост, слободни денови поради здравствени проблеми, флексибилност на работното време, недостиг на мотивација, способноста да се разберат инструкциите за работа, ниски квалификации... Таа вели и дека познава примери на компании во Словачка кои вработуваат лица со попреченост, но тие се одвоени во посебни прстории и оти тоа не е инклузивен пристап. - Во академските истражувања на глобално ниво, се препознаваат два важни модели кои помагаат да се конципираат рамки за вработување на лицата со попреченост - медицински и социјален модел. Медицинскиот модел опишува лице со попреченост кое има некаков вид дефицит што треба да се поправи. Инклузивниот пристап се заснова на т.н. социјален модел. Социјалниот модел ја отфрла идејата дека поединецот мора да биде „нормален“ за да ужива во целиот опсег на човечко искуство, оценува Подлесна. Словачката експертка потсетува дека од почетокот на 21 век, повеќето држави усвоија закони за лицата попреченост во согласност со Статутот на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, согласно кои овие лица можат да учат, работат и целосно да бидат вклучени во опшетството, а со тоа и да имаат еднакви можности на пазарот на труд. Во однос на тоа дали смета дека воведувањето квоти за овие лица ќе ги даде соодветните резултати, таа вели дека пазарот на труд се однесува на понуда и на побарувачка. - Доколку лицата кои се во потрага по работа немаат соодветни вештини и способности за одредено работно место за коешто аплицираат, квотите не се решение. Ако гледаме на вработувањето на лицата со попреченост за тие да работат значајни работни места, предлагам да се инвестира во програми што ќе ја олеснат транзицијата на младите со попреченост кон вработување. Поддршка на агенциите за вработување исто така е доста ефикасно, порачува Подлесна. На прашањето дали Словачка при изработката на законот за лицата со попреченост, ги вклучи и овие лица, со цел тој вистински да одговори на нивните потреби, таа вели дека во нејзината земја има Комитет за правата на лицата со попреченост, што е вклучен во предлозите во словачкото законодавство. - Се согласувам со филозофијата „Ништо за нас, без нас“. Сметам дека е важно да се слушнат сите перспективи. Она што е важно е да има конструктивен дијалог и практика на активно слушање. Препорачувам фокусирање на крајниот исход. Дали ќе биде само закон на хартија или навистина ќе го промени животот на лицата со попреченост, нагласува таа за МИА. Професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Лазар Јовевски за МИА вели дека лицата со попреченост имаат право на достоинствен живот и треба да бидат целосно вклучени во сите сфери на општеството и да имаат непречен пристап до образование, здравствена заштита, социјални услуги, пазар на труд. Тој смета дека во државава има голем простор за унапредување на условите за лицата со попреченост, особено во областа на трудот. - Дискриминацијата на лицата со попреченост е чест случај при вработување, од причина што општеството сè уште не е целосно подготвено за нивно прифаќање, така што наместо да се фокусираат работодавците на нивните предности за конкретно работно место, на кое патем кажано, видот инвалидност не би влијаел, односно не би бил пречка за извршување одредени работни задачи, тие сепак се фокусираат на инвалидноста како пречка. Затоа, со цел да го остварат овие лица своето право да засноваат работен однос, потребни се пред сè законски услови, вели тој. Јовевски потсетува дека во Уставот се гарантира правото за вработување, во член 9 и член 32 кои имаат општи одредби за право на еднаквост и право на работа и кои се однесуваат на сите граѓани, како и член 35 став 3, во кој пишува: „Републиката им обезбедува посебна заштита на (лицата со попречености) и услови за нивно вклучување во општествениот живот“. - Националното законодавство со кое се уредува вработувањето на лицата со попреченост главно се состои од Законот за работни односи, Законот за вработување на лицата со попреченост (lex specialis на Законот за работни односи) и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Законот за вработување на лицата со попреченост ги утврдува нивните права при вработување и професионалната рехабилитација, но сепак не се применува соодветно и се нотираат бројни прекршувања и злоупотреби од страна на работодавачите, вели тој. Јовевски оценува дека состојбата може да се подобри со одредени законски измени, како и мерки со кои ќе им се помогне на лицата со попреченост кариерно да се насочат уште во текот на образовниот процес. - Треба да се направи систем за утврдување на можностите според видот инвалидност и насочување кон професија која лицето без пречки ќе може да ја извршува. Покрај утврдување на можностите, треба да се унапреди и системот за професионална рехабилитација. Лицата со попреченост треба да се поддржат и при користење на мерки за самовработување, па би рекол и да се охрабрат, за самите да се гледаат во трудот преку личните можности и интереси за кариерно да се развиваат. Од друга страна, оние лица кои се вработуваат кај работодавач треба да имаат еднакви можности за напредуање во кариерата и усовршување преку обуки и сл. како и останатите работници, оцени тој. Јовевски додава дека треба да се имаат предвид и македонските можности, она што реално може во даден период да се спроведе. - Не може да се направат големи промени за многу кратко време, за тоа треба сите да сме свесни, иако треба од некаде да се почне и континуирано и стратешки да се работи за да се постигнат конкретни позитивни резултати во разумен рок, наведува тој. Од друга страна, Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Северна Македонија, смета дека моменталната состојба со рехабилитацијата и вработувањето на лицата со попреченост со сегашниот Закон за вработување инвалидни лица е релативно добро решен, но оти секогаш има простор за подобрување на состојбата. - Ние имаме заштитни друштва во Македонија со околу 5000 целосно вработени од кои 2500 се инвалидни лица, и дека најдобар доказ за тоа е дека за одредени видови инвалидност воопшто нема невработени лица. Јас сум сведок, како член на Управниот одбор на Агенција за вработување, при посетата на разни заштитни друштва, сите се жалат дека тие тешко го одржуваат процентот, 40 проценти, токму поради тоа што не можат на пазарот на труд да најдат невработени лица со попреченост, смета тој. Димитров посочува дека за сегашниот закон и сегашните правилници да се направат поефикасни, треба да се работи на свеста кај работодавците. Тој смета и дека воведувањето на квотниот систем нема да ја реши состојбата. - Воведувањето квотен систем, односно обврската сите компании на 20 вработени да вработат едно лице со попреченост или во спротивно да плаќаат пенали, нема да ја реши состојбата. Со новиот закон се предвидува намалување на субвенциите што ги имаат сегашните заштитни друштва, што ќе значи напуштање на поголем дел на овие вработени инвалидни лица во заштитни друштва и тогаш државата ќе треба, согласно новиот предлог закон со т.н. рехабилитациони центри што ќе бидат финансирани од буџетот да ги рехабилитира и да ги оспособи за ново вработување. Значи, прво ќе ги напуштиме луѓето што сега работат и што се на еден начин социјализирани на работните места, а потоа ќе треба да ги рехабилитираме во некој вид центри, што мислам дека ќе биде само трошење на пари од буџетот, а нема да ја реши состојбата, оценува тој. Неда Димова Прокиќ

Остани поврзан