• петок, 22 ноември 2024

Литературна вечер посветена на академик Влада Урошевиќ во Москва

Литературна вечер посветена на академик Влада Урошевиќ во Москва

Скопје, 19 октомври 2024 (МИА) - Литературна вечер посветена на современата македонска литература со посебен осврт на делото на академик Влада Урошевиќ, македонски поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар и преведувач по повод неговиот јубилеј – 90 години од раѓањето, вчера беше организирана во Москва.

На литературната вечер организаторот Олга Панкина го претстави богатото творештвото на Влада Урошевиќ кое им е познато на руските читатели благодарение на преведените од неа романи „Невестата на змеjот“, „Барајте го гавранот“ („Дива лига“) и „Маџун“, двете поетски збирки „Пеjач во кулата“ за која во 2017 година Влада Урошевиќ jа доби највисоката руска награда за поезија „Златен витез“ и „Jужна sвезда“. Двете поетски книги се проследени со исклучителни колажи на авторот. 

Пред гостите беше прочитан дел од поезијата на Влада Урошевиќ во оригинал и во препев. Посебно внимание Панкина и посвети на книгата раскази „Дирижабл над поле со пченки“ која содржи 35 раскази создадени од Влада Урошевиќ во текот на неговото шеесетгодишно книжевно творештво. Збирката беше објавена пред месец дена во нејзин превод на руски. 

-Книгата му е подарок на Влада Урошевиќ за роденденот, но пред се – таа им е подарок на руските читатели кои високо го ценат неговото извонредно творештво, рече Панкина.

Настанот се одржа во Културниот центар „Фазил Искандер“ во рамките на нејзиниот отворен проект „Читаj jа Македониjа!“ што успешно го реализира од 2014 година.

На крајот Панкина на сите заинтересирани им подари книги на македонските автори.вј/ев/

Фото: Олга Панкина 

Остани поврзан