• петок, 14 март 2025

Лимани: Трудот на социјалните работнички неизбришан траг на надеж на оние на кои им помогнале

Лимани: Трудот на социјалните работнички неизбришан траг на надеж на оние на кои им помогнале

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Трудот на социјалните работници иако често е невидлив останува неизбришан траг на надеж и љубов во срцата на оние на кои им помагате. Продолжете да бидете светлина за оние кои изгубиле надеж во оваа земја, вашата грижливост е нешто што го прави светот подобро место за сите нас. Тоа го истакна министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани на денешната панел дискусија „Трансформативната моќ на социјалните работнички” организирана од ресорното министерство и UN WOMEN.

Целта на настанот, според него, е подигање на јавната свест за трансформативна моќ на социјалните работнички. Социјалните работници, според него, имаат значајна улога во промовирањето на родовата еднаквост, активно работат на елиминација на насилството врз жените, борбата против дискриминацијата и обезбедувањето пристап до ресурси и поддршка за жените кои се во неповолна позиција.

- Сакам да ја истаканм клучната улога на социјалната работа во општеството, бидејќи придонесува во решавањето на социјалните предизвици и подобрување на благосостојбата на индивидуите и групите. Најголем дел од вработените во социјалната заштита се жени, кои изразуваат голема посветеност во работата која вклучува грижа за другите како што се децата, возрасни лица или лица со попреченост, истакна Лимани.

Министерството, нагласи Лимани, во континуитет работи на политиките за унапредување на еднакви можности меѓу мажите и жените.

Раководителката на канцеларијата на UN WOMEN, Весна Ивановиќ Кастаред забележа дека социјалните работници се мостот и подадената рака на жените од ранливите категории.

- Ограничените ресурси и емоционалното вложување кое честопати се заборава, но е огромен дел од тоа што го правите. Системските бариери честопати ги отежнуваат вашите задачи, но преку професијата социјалните работнички и работници освен што сведочат на многу непријатни ситуации, професијата носи голема одговорност и обврска, но и дава надеж и сила, изнаоѓаат решенија да се надминат тешкотиите, истакна Ивановиќ Кастаред.

Според неа, секоја жена е моќна и способна ако и се даде можност да ги покаже своите потенцијали. Како и мажите така и жените, нагласи, сите се различни, но сите треба да имаат исти права и можности.

- Фокусот особено на денешната наша тема и тоа што вие го правите кога една самохрана мајка или жени и девојчиња биле или се изложени на семејно насилство или друг вид насилство, невработени, жени со попреченост и други категории. Тие ја добиваат потребната поддршка за да можат да раководат со своите животи., пред се да ги надминат тешкотиите, а потоа да можат да го зграпчат својот живот и да го живеат, рече Ивановиќ Кастаред.

Упати апел до сите, како што подвлече, да работат самите на себе во семејството, работата, заедницата, општеството, да се рушат стереотипите, прво во својата глава, ако не ги срушиме особено родовите, прераснуваат во предрасуди, а понатаму одат во дискриминација. сс/ац/

Фото. МИА

Остани поврзан