• четврток, 26 декември 2024

Лидерот на сириските бунтовници: Режимот на Ал Асад е „мртов“

Лидерот на сириските бунтовници: Режимот на Ал Асад е „мртов“

Дамаск, 6 декември 2024 (МИА) - Лидерот на сириската бунтовничка алијанса, Абу Мохамед ал-Џулани, изјави дека нивната цел е да го соборат сирискиот претседател Башар ал Асад и да формираат нова влада.

-Режимот што Иранците и Русите се обидоа да го оживеат е мртов, рече Ал-Џулани за Си-Ен-Ен.

Ал-Џулани рече дека планира да воспостави систем на владеење во Сирија заснован на институции, а не систем во кој еден владетел носи, како што рече, произволни одлуки.

Ал-Џулани е водач на исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) која водеше ненадејна офанзива против силите на Ал Асад минатата недела, што повторно ја разгоре сириската граѓанска војна по години ќор-сокак.

Бунтовничката алијанса оттогаш ја презеде контролата врз Алепо, вториот по големина град во земјата. Покрај повеќе од 200 села и позиции, неодамна ја зазедоа и Хама.

Следна цел е Хомс, кој се наоѓа на околу 40 километри јужно. Тој е трет по големина град во земјата и важен центар на патот кон Дамаск, брегот на Средоземното Море и Либан. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан