Либерален институт: Повисоки казни, проширени ингеренции и зголемена одговорност, се клучните решенија што ќе придонесат за ефикасно справување со проблемите
- СООПШТЕНИЕ

Скопје, 12 април 2025
„За посигурна иднина на животните: Законски промени сега!“, ова беше насловот на трибината која денеска се одржа младинскиот центар „Матично“ во Општина Центар, а која ги собра најактивните умови и едни од најголемите борци за правата на животните во Скопје.
Настанот беше организиран од Либералниот институт Скопје, граѓанска организација која секогаш стои зад важни теми кои влијаат на нашето општество, организирајќи дебати и трибини кои отвораат простор за критичко размислување и конкретни решенија на актуелни проблеми.
Иако темата за решавање на проблемот со бездомните животни е редовно присутна во јавноста, на денешната трибина се отворија прашања за предизвиците со кои се соочуваат животните, но и се предложија можни решенија за истите. Говорниците на дебатата со своите излагања поттикнаа нови размислувања и идеи за долгорочни решенија.
На сцената на оваа трибина се појавија:
Огнен Чанчаревиќ, новинар и модератор на дискусијата, кој со својот ентузијазам и фокус ја направи оваа трибина не само корисна, туку и забавна за следење.
Моника Зајкова, претседателка на ЛДП, која изјави дека „Не станува збор само за правата на животните, туку за нашата способност како општество да се грижиме за сите!“.
„Повисоки казни, проширени ингеренции и зголемена одговорност – тоа се клучните решенија што, според Зајкова, ќе придонесат за ефикасно справување со проблемите.“
„Да им дадеме поголеми ингеренции на општините – тоа е еден од клучните чекори. Алката на контрола е она што недостасува во ЈП Лајка,“ порача Радмила Пешева, директорка на ЈП „Лајка“, додавајќи: „Сè додека не ги зголемиме казните, нема да ја подигнеме свеста на граѓаните.“
„Програмата 'Залови, стерилизирај, врати' не е ефикасно решение за проблемот со бездомните кучиња,“ истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. „Вистинското решение е во зголемување и унапредување на капацитетите.“
Никола Јовановски, раководител на сектор во Општина Гази Баба, кој нагласи: „Заедно да направиме ефикасни механизми кои ќе бидат одржливи и корисни за сите. Една од позитивните мерки што Општина Гази Баба ја презема за намалување на бројот на бездомни животни е понудата на субвенции до 6.000 денари за граѓаните – мерка што се покажа како многу успешна и широко прифатена,“ истакна Јовановски.
Овој настан не беше само разговор, туку енергија која ги поттикна сите присутни да размислат надвор од стандардните рамки.
Целта на трибината беше јасна: како да ја подобриме законската рамка, да обезбедиме ефективно решавање на проблемот со бездомните животни, но и да создадеме долгорочни решенија кои ќе обезбедат подобра заштита и грижа за животните, независно дали станува збор за домашни миленици или улични и напушени животни.
Либерален институт Скопје
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: Либерален институт