• понеделник, 23 декември 2024

Летонија вети дополнителна воена помош за Украина

Летонија вети дополнителна воена помош за Украина

Рига, 11 јануари 2024 (МИА) – Летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс вети дека Летонија ќе и обезбеди на Украина дополнителна воена помош за нејзината одбрана од Русија.

По денешната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, летонскиот претседател објави дека следниот пакет помош ќе вклучува хаубици, артилериска муниција од 155 милиметри, противтенковски и противвоздушни одбранбени системи, ракетни фрлачи, теренски возила, рачни гранати, хеликоптери и друга опрема.

Летонија, исто така, сака годинава да обучи 3.000 украински војници и да ја поддржи Украина со производство на дронови, пренесе ДПА.

- Владата, нашата земја и нашиот народ ќе продолжат да и ја даваат на Украина сета поддршка што и е потребна, нагласи Ринкевичс.

Според него, Летонија обезбедила помош во вредност од 600 милијарди евра (656 милијарди долари), што е еквивалентно на еден процент од БДП на земјата.

Зеленски и се заблагодари на Летонија за нејзината „непоколеблива поддршка“ и за обновената воена помош.

- Украина тоа добро ќе го искористи, рече тој.

- Силата на нашите војници, силата на нашите вооружени сили ќе зависи многу од овој вид помош во иднина, продолжи Зеленски повторувајќи ја и поддршката за членството на неговата земја во НАТО и ЕУ.

Летонија беше последната станица од турнејата на украинскиот претседател низ трите земји од Балтикот, кои се сметаат за најодлучни застапници на Украина на меѓународно ниво. јт/

Фото: Х

Остани поврзан