• петок, 22 ноември 2024

Летово зголемен обем на работа на ЈП „Куманово Паркинг“

Летово зголемен обем на работа на ЈП „Куманово Паркинг“

Куманово, 12 август 2024 (МИА) - Поголемата раздвиженост го зголеми и обемот на работа на ЈП „Куманово-Паркинг“, соопштија денеска надлежните. Според податоците на претпријатието од почетокот на јуни досега со враќањето на македонските државјани во родното Куманово, искористеноста на едно паркинг место е 65 проценти, најмногу во централното градско подрачје.

- Најголема искористеност на паркинг местата е во централното градско подрачје, поточно на улица „Илинденска“, улица „Борис Кидрич“ и паркинг просторот на улица „Гоце Делчев“. Ова е добар процент на искористеност на паркинг местата со оглед на тоа дека претпријатието стопанисува со мал број на паркинг места и голем дел од граѓаните ги паркираат своите возила непрописно и на места на кои не е дозволено паркирање, изјави директорот на претпријатието Андреја Маџовски.

Во „А“ зона има 580 паркинг места.

Околу 800 возила подигнало пајак возилото во Куманово од почетокот на јуни досега, соопштија денеска надлежните од јавното претпријатие „Куманово Паркинг“. Искористеноста на паркинг просторот во Куманово изнесува 65 проценти по паркинг место. Дел од кумановци самите повикуваат пајак возило бидејќи не можат безбедно да се движат по тротоарите. Кумановци реагираат на сообраќајниот метеж кој е евидентен од почетокот на јуни досега и бараат засилено присуство и на пајак службата и на припадниците на сообраќајната полиција во градот поради несоодветното однесување на дел од возачите во градот.

- Јавното претпријатие „Куманово-паркинг Куманово“ во периодот од јуни, јули и почеток на август годинава по налог на сообраќајната полиција-Куманово со помош на специјално возило „пајак“ подигна 790 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедното одвивање на сообраќајот на подрачјето на општина Куманово, изјави Маџовски.

Од СВР Куманово информираат дека континуирано преземаат мерки и спроведуваат зајакнати акциски контроли за санкционирање на возила и возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Покрај дневните контроли за санкционирање возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената, кои управуваат со возило под дејство на алкохол или оние кои непрописно престигнуваат, се врши и снимање со т.н. „ноќен радар“ за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната.

- Меѓу другото, полициските службеници се распоредени на терен и согласно своите законски надлежности преземаат соодветни мерки доколку се случи сообраќаен метеж. Сообраќајните контроли се за да ја подигнеме свеста кај граѓаните и да се зголеми безбедноста во сообраќајот. Секој од нас треба да се однесува одговорно во делот на сообраќајот дали се возачите или пешаците, бидејќи сите се учесници во сообраќајот, велат од СВР Куманово. ам/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан