Левицата: Предлог-закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
- Пратеничката група на Левицата до Собранието на Република Македонија ќе поднесе предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, се вели во соопштението од Левицата, што МИА го објавува интегрално.
Скопје, 5 февруари 2026 - Пратеничката група на Левицата до Собранието на Република Македонија ќе поднесе предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, се вели во соопштението од Левицата, што МИА го објавува интегрално.
Со предлог-законот на Левицата се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг-листите и објективните критериуми при вработување.
Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања.
Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, претставува тежок удар врз јавното здравство. Државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, а пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии.
Левицата ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот.
Фото МИА архива