• недела, 24 ноември 2024

Левица: Кривична пријава против заменик-министерот за труд поради лажирање документ со ЕУ-знаменце

Левица: Кривична пријава против заменик-министерот за труд поради лажирање документ со ЕУ-знаменце

Скопје, 14 септември 2023

Правниот сектор на Политичката партија Левица, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе кривична пријава против актуелниот заменик-министер за труд и социјална политика – Енвер Хусејн за сторено кривично дело против службената должност – „Фалсификување службена исправа“, казниво по чл. 361 од Кривичниот законик, за кое е запретена затворска казна до пет години. 

Пријавениот се терети дека, намерно и со умисла, противуставно, противзаконски и противделовнички пуштил во собраниска процедура Предлог-закон за измена и дополнување на Законот за работните односи по скратена постапка, во чија коресподентна табела дал, и со свој потпис и службен печат, заверил лажна изјава за наводно усогласување на законските измени со ЕУ директиви и регулативи, иако знаел или морал да знае дека тие се со спротивна содржина од онаа која се предлага. 

Имено, наместо европските максимални 48 часа неделно, тој предложил прекувремена работа од над 72 часа неделно – камуфлирајќи го ова како божемна хармонизација со „европска регулатива“, во брза постапка! На овој начин, тој со предумисла ги измамил и свесно ги донел во заблуда пратениците во Собранието на РМ, а придонел и во илегалното ограничување на пратеничкото право на збор на народните избраници – како на комисиите, така и на пленарната седница. 

Очекуваме Основното јавно обвинителство Скопје, професионално да постапи и да го процесуира овој еклатантен случај на злоупотреба на европското знаменце во собраниска процедура, бидејќи по промената на власта неизбежно ќе има одговорност за раководителот на ОЈО Скопје – Гаврил Бубевски, како еден од најголемите владини апологети и заштитници на бездушниот криминал и корупцијата на носителите на јавни функции, кој со години ги чува во фиока сите предмети против владини функционери поднесени од Левица.

 

Сектор за медиуми и односи со јавност на ПП Левица

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан