• петок, 22 ноември 2024

Левица: Законот за минерални суровини без суштински подобрувања се шверцува со европско знаме

Левица: Законот за минерални суровини без суштински подобрувања се шверцува со европско знаме
Скопје, 12 април 2022  Иако пред неколку месеци, министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека е постигната заемна согласност за измените за Законот за минерални суровини, владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ не прифати најголем дел од суштинските забелешки за овој предлог закон. Со ова, овие две партии остануваат да бидат ужасен и лош пример како се штитат идните екплоататори и како најлесно, најбрзо и законски продолжуваат да го уништуваат националното богатство. Левица е категорично против најновите измени во Законот за минерални суровини, затоа што истите се во функција на една мала богата клика, која во иднина уште послободно, во затворен круг и без ограничувања ќе продолжи да ги уништува и експлоатира природните богатства. Оние малку направени измени во законот, кој треба по брза постапка да се донесе во Парламентот се само козметички, донесени нетранспарентно, и не соодветстуваат со барањата на активистите, на локалното население и на голем дел од засегнатата јавост. Новиот закон ќе продолжи да ги штити идните експлоататори на минерали, а концесииите за новите рудници и каменоломи ќе се издавааат далеку од очите на јавноста, и за нив ќе одлучуваат неколку богати и моќни поединци. Дополнително, власта повторно го злоупотребува европското знаменце, кое наместо да ја симболизира итноста од носење квалитетни и суштински измени согласно европското законодавство, стана симбол на итна неправда, со што Македонија станува еколошки најретроградната европска држава, предводена од неспособниот двоец СДСМ и ДУИ. Измените на законот се направени без претходна јавна расправа и без да се земат предвид најголемиот дел од забелешките на експертската јавност и на граѓанскиот сектор, со што власта покажа елементарна и погубна нетранспарентност. Неколку суштински измени не беа прифатени: – Наместо согласност од институциите, во новиот закон ќе се бара само необврзувачко мислење за идните концесионери, со што се бетонира самоволието на идниот експлоататор; – Не се прифати барањето локалното население да биде континуирано и квалитетно информирано и активно да учествува во целокупниот процес на давање земја под концесија; – Не се прифати локалните совети и градначалници да организираат јавни расправи и да даваат согласност за било какво идно манипулирање со државно земјиште; – Криминалниот дует СДСМ и ДУИ не го усвои и барањето за задолжителна и нужна транспарентност и објава на сите документи, информации, решенија и жалби поврзани со оваа проблематика на официјални веб страници или на било кој друг вид на социјални медиуми. – Не се собра храброст да се усвои Регулатива на концесиите за експлоатација на песок и чакал, со што ќе се спречеа бројните и реално можни злоупотреби на терен, што е и најголема опасност од вака донесениот неквалитетен закон. Овој закон е врв на епохалната неспособност на СДСМ и ДУИ, и ја рефлектира мрачната еколошка иднина на нашата татковина. Во блиска иднина ќе почнеме скапо да ги плаќаме грешките на овие полуаматери во политиката, ама професионални профитери во политичкиот бизнис. Политичка партија Левица __________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан