• петок, 22 ноември 2024

Левица: Долгот на јавните претпријатија надмина милијарда евра

Левица: Долгот на јавните претпријатија надмина милијарда евра

14 септември 2024 

соопштение 

Со вкупен долг од над една милијарда евра, системот на јавни претпријатија е во финансиска криза која ја загрозува нивната способност да ги сервисираат основните услуги и обврски кон граѓаните за кои се формирани. 

Кога ќе се разгледа состојбата со долгот на јавните претпријатија, нерентабилноста е повеќе од видлива, а управувањето со овие институции претставува проблем, кој се надоместува од џебот на граѓаните.

Листата на должници ја предводи Јавното претпријатие за државни патишта со 750 милиони евра. 

Следуваат: 
- Развојна банка на Македонија со 187.5 милиони евра; 
- Електрани на Македонија со 35 милиони евра; 
- Железници - транспорт со 22 милиони евра;
- МЕПСО и ЈСП со 16 милиони евра. 

Прашањето што се поставува е:
Како е возможно ЈПДП кое секој месец генерира милионски приходи од патарини, да има долг од 750 милиони евра? Во август годинава приходите од патарини изнесуваат рекордни 7,8 милиони евра! 

Ништо не е подобра ситуацијата и во јавните претпријатија формирани од општините. Владењето на ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ изминативе 33 години, има направено над 90% од овие претпријатија да се западнати во длабоки долгови. Истите се користат за материјално обезбедување на партиската војска, додека мал број на вредни и трудољубиви луѓе, целиот терет на работата го носат на свој грб!

Силното партиско влијание во управувањето на јавните претпријатија и лукративните интереси на нивните членови, го става во сенка јавниот интерес и ова создава можност за неодговорно трошење на ресурсите! 

Сето ова, збогатено со вработување на несоодветни кадри, склучување на договори кои се штетни за претпријатието, нетранспарентност во работењето, сомнителни тендерски постапки и уште многу заобиколувања на регулативата, се причина за растот на долговите и загубите на претпријатијата. 

Паралелно со овие процеси, продолжуваат: порастот на вработувањата, измислувањето политички и раководни функции и непродуктивните трошења.

Левица во својата програма предлага целосна ревизија на јавниот долг, а со тоа и ревизија на долгот на овие претпријатија. Неопходно е покренување постапка за одговорност и рефундација од надлежните функционери кои недомаќински и расипнички трошеле за време на нивниот мандат!

Транспарентноста, отчетноста и одговорното управување со јавните финансии се клучни за да се спречи понатамошното акумулирање на долгови. Без почитување на овие принципи, јавните средства нема да се искористуваат за потребите на граѓаните, туку за одржување на неефикасни и корумпирани системи.

Политичка партија Левица 

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото: МИА архива 

Остани поврзан