КЈП „Водовод“ ќе постави подземни контејнери на седум локации во Кочани
- На седум локации во центарот на Кочани наскоро ќе бидат поставени подземни контејнери.
Кочани, 15 февруари 2021 (МИА) – На седум локации во центарот на Кочани наскоро ќе бидат поставени подземни контејнери.
Општина Кочани и Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ почнуваат со замена на постојното со подземно складирање на отпадот што ќе се селектира. Јавната набавка се спроведува и во двете институции.
- Освен што заштедуваат простор, подземните контејнери ќе го подобрат естетскиот изглед на околината и ќе овозможуваат селектирање, коешто е многу важно за натамошниот третман на отпадот. На површината ќе ја има стандарната, дизајнирана корпа за собирање на отпадот, а секој подземен контејнер ќе биде поставен на платформа и под површината ќе содржи четири единици, од кои две за комунален отпад и по една за хартија и за пластика. На тој начин ќе се избегнува непријатната миризба, расфрлањето на отпадот, поместувањето и оштетувањето на контејнерите. Од друга страна, тие ќе го оневозможат фрлањето градежен шут, отпад од големи пакувања и друг материјал што зафаќа повеќе простор, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.
Во моментот тече рокот на јавната набавка со која се бараат подземни контејнери чие празнење ќе се врши со постојните транспортни средства на КЈП „Водовод“, а на кои ќе биде вградена хидраулична инсталација.
Подземното складирање на отпадот најпрвин ќе почне да се применува кај станбените објекти за колективно домување, во двата блока на Трговскиот центар, во населбата Стришани и кај новиот станбен комплекс на улицата „Стево Теодосиевски“.та/фф/