• недела, 22 декември 2024

Кјоб: Новата Влада има поставено добри цели, но треба да се види нивната реализација

Кјоб: Новата Влада има поставено добри цели, но треба да се види нивната реализација

Скопје, 31 октомври 2024 (МИА) - Новата Влада има поставено добри цели, но треба да се види нивната реализација, дали ќе се зголемат капиталните трошења и дали ќе се намалат тековните расходи, бидејќи од она што до сега го гледаме платите се уште дополнително растат, пензиите се уште растат, а тоа треба да се контролира, порача денеска Анет Кјоб, шефот на Мисијата на ММФ за Северна Македонија.

-Ветувањето е добро, поставена е вистинската цел, вистинскиот приоритет - да се зголемат капиталните трошења наспроти тековните трошења. Се разбира ова треба да биде придружено со сите неопходни чекори за гарантирање дека ќе се работи за ефикасно трошење, во смисла на ефикасно менаџирање на трошењето на јавните пари, да се искорени корупцијата, да се изберат проекти кои ќе имаат најголем импакт на растот, вели Кјоб во интервју за ТВ Сител.

Нагласува дека не треба само да се зголемат капиталните инвестиции, туку приоритет да добијат добро документираните и добро избраните проекти.

-Во овој момент можеме да ги коментираме поставените цели за зголемување на капиталните трошења. Тоа е добра цел, но ѓаволот е во деталите, во тоа како ќе се реализираат овие проекти, кои проекти ќе бидат избрани. Би било добро да се реализираат коридорите 8 и 10д, како и автопатот Кичево -Охрид. Би било добро да се реализираат до крај овие проекти, бидејќи тоа се скапи проекти и граѓаните кои плаќаат даноци треба да добијат соодветна инфраструктура, посочува Кјоб. 

Според неа, линеарното зголемување на пензиите на сите пензионери веројатно не е најисправниот чекор за менаџирање на сиромаштијата. Препорачува наместо тоа да се таргетираат пензионерите кои спаѓаат во пониските категории наспроти оние со највисоки примања и додава дека земјава „троши“ повеќе за пензии од своите соседи.

-Зголемувањето на пензиите не треба да биде ад хок. Треба да има формула, независно дали е тоа формула која наложува зголемување на пензиите со инфлацијата или со инфлацијата и платите. Во двата случаја тоа треба да е формула која е транспарентна и едноставна за пензионерите да ја разберат. Значи не да се укинуваат законските одредби со ад хок решенија, туку да се воспостави и одржува систем за зголемување на пензиите. Зголемувањето да се базира на правила, и за платите и за пензиите. Ние и Светската банка како институции очекуваме авторитетите да се вратат на системот базиран на правила, посочува Кјоб. 

Во делот на платите, вели дека има генерален колективен договор кој дефинира како треба да растат во различни сектори. 

-Ова треба да се почитува наместо постојано да се репреговараат гранкови договори во здравство или образование на пример. Веќе има систем за раст на плати во јавниот сектор кој функционира базирано на инфлација и раст на продуктивноста. Не може да си дозволите платите да растат побрзо од продуктивноста, бидејќи тогаш целокупното производство на Северна Македонија ќе биде неконкурентно. Ако ги плаќате работниците повеќе од останатите работници во земјите од Западен Балкан, вашите добра на меѓународниот пазар ќе бидат поскапи. Значи ја губите конкурентноста, истакнува Кјоб. 

Иако ги прифаќам аргументите дека платите треба да растат поради инфлацијата и загубената куповна моќ на граѓаните, додава, има и други фактори кои треба да се земат предвид. 

-Најдобар начин да се помогнат ранливите домаќинства е да ги таргетирате нив наместо да воведувате мерки за целата популација, порачува Кјоб.

Анализите на ММФ, како што посочува, покажуваат дека од 2015 година земјава значајно заостанува зад земјите од регионот. 

-Бруто домашниот производ (БДП) е за околу 10 проценти понизок споредено со предпандемискиот период. И ова е многу пониско споредено со другите земји од регионот на Западен Балкан каде сегашните стапки на БДП се можеби 4 до 5 проценти пониски од оние пред ковид пандемијата, додека во ЕУ сегашните нивоа се за околу 2 процента пониски од периодот пред глобалната криза, истакнува Кјоб.

Како причина за тоа го посочува фактот што двата глобални шокови со кои се соочија сите земји - пандемискиот шок и енергетската криза, ја погодија Северна Македонија посилно отколку другите економии. 

-Во еден дел причините се структурни, Северна Македонија е поотворена економија насочена кон производство за разлика од другите земји во регионот кои веднаш почувствуваа подобрување на економската состојба штом им се врати туризмот на пример. Тоа не е случај со Северна Македонија која е по насочена кон производство, многу поинтегрирана во синџирот на снабдување на еврозоната, па со забавувањето во еврозоната, Северна Македонија исто така мораше да почувствува забавување, прецизира Кјоб. 

Но, додава, има и други фактори кои влијаат на состојбата, а тоа се бизнис климата, корупцијата, административните бариери, промената на регулативи, бирократијата.

-Се ова се работи кои инвеститорите ги посочуваат како слабости на системот во Северна Македонија кои ја ставаат во понеповолна позиција споредено со земјите од регионот, порачува Кјоб.

За значително намалените прогнози за растот од ММФ вели дека се должат на структурните прашања кои го забавуваат растот на македонската економија.

-Северна Македонија е далеку попогодена од емиграцијата споредено со другите земји од регионот, и со вака лоши перформанси на растот тоа влијае на фискалните агрегати. Кај фискалниот баланс, Северна Македонија има значително полоши резултати од земјите од регионот со многу повисок фискален дефицит. Поради сето ова има и значителен раст на јавниот долг. Од 2018 до 2024 година јавниот долг се зголемил за 15 процентни поени, за разлика од Црна Гора и Албанија каде дури има и намалување на јавниот долг во овој период, појаснува Кјоб.

ММФ, како што вели, детектира дека проблемот е во композицијата на трошењата. 

-Северна Македонија троши многу повеќе на непродуктивни ставки споредено со капитални трошења. Кога велам непродуктивни мислам на плати, дневници, пензии, кои се многу повисоки како процент од БДП споредено со другите земји од регионот кои трошат повисок процент од своите приходи на капитални трошоци и инвестиции. Мислам дека ова се факторите кои ја разликуваат земјата од останатите. Не се работи за тоа дека трошењата се значајно повисоки од другите земји, туку дека значително повеќе се издвојува за тековни трошења наспроти капитални проекти и инвестиции, децидна е Кјоб во интервјуто за ТВ Сител. вј/нд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан