• понеделник, 23 декември 2024

Кумановци можат да се пријават на два огласи за побарувани занимања

Кумановци можат да се пријават на два огласи за побарувани занимања
Куманово, 13 август 2021 (МИА) - Надлежните од кумановскиот Центар за вработување денеска ги повикаа невработените и лицата кои користат гарантирана минимална помош да се пријават на двата тековни огласи за побарувани занимања. Двата огласи, едниот наменет за активни баратели на работа и вториот исклучиво наменет за корисници на гарантирана минимална помош завршуваат на 18 август годинава. - Најпобарувани занимања на подрачје на Куманово, според наши истражувања се: негувател на лица со попреченост, личен асистент на лица со попреченост, дигитален маркетар, монтер и инсталатер на сончеви панели, бравар и заварувач, изјави раководителот на Центарот за вработување - Куманово, Марија Димитриевска. Вториот оглас е наменет за лица кои користат гарантирана минимална помош, кои како што нагласуваат од Центарот нема да го изгубат овој надомест додека им трае обуката. Тие можат да конкурираат за обука за негувател на стари и немоќни лица, личен асистент на лица со попреченост, службеник во сметководство, фризер, заварувач, дигитален маркетар, оператор за графички и веб дизајн и шивач. Избраните кандидати ќе следат тримесечна обука, од кои два месеци теоретска и еден практична во реални услови. Доколку лицата сакаат да следат обука во други градови, можат да се пријават, меѓутоа трошоците за превоз се на нивен товар. Избраните кандидати ќе имаат можност да ги усовршат знаењата, вештините, да станат поконкурентни на пазарот на трудот. Невработените ќе добијат месечен надомест од 9.000 денари со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување и данок на личен доход. - Да ги повикам невработените да аплицираат за обуките, ќе станат поконкурентни на пазарот на трудот и се надевам дека ќе дојдат до посакуваното работно место, изјави Димитриевска. Таа ги охрабри работодавците кои имаат недостиг на струен кадар, да верификуваат програми за да можат да креираат кадар за свои потреби, преку Министерството за образование и Центарот за образование на возрасни. ам/мд/

Остани поврзан