• петок, 22 ноември 2024

Куманово избра консултант за изработка на план за воведување пешачка и зона на смирен сообраќај

Куманово избра консултант за изработка на план за воведување пешачка и зона на смирен сообраќај
Куманово, 24 февруари 2022 (МИА) - Општина Куманово избра консултант кој ќе изработи план за воведување на пешачка зона и зона на смирен сообраќај, соопштија денеска надлежните. За консултантски, архитектонски, инженерски услуги за пешачка зона, општината одвои 592.680, додека за услугите за воведување смирен сообраќај, 570.680 илјади денари. Согласно податоците на електронскиот систем на јавни набавки, избраниот консултант има рок една година да ги изработи двата плана. Двата плана се изработуваат во рамки на Планот за одржлива урбана мобилност (ПОУМ) за Општина Куманово кој го спроведува секторот за инспекциски надзор. - Изработката на планот за воведување на пешачка зона во градот е приоритетна мерка која треба да се спроведе и произлегува од планот за одржлива урбана мобилност, усвоен од советот на општината, во мај 2021 година. Согласно ПОУМ како можна пешачка зона е потесното централното градско подрачје, но сепак планот кој ќе се изработи точно ќе ја одреди зоната, изјави раководителката на секторот за урбанизам, Емилија Сларидис Јаневска. Воведувањето на зоната ќе се спроведува во неколку фази првин, на површина со помал опфат, а потоа ќе се следи примерот на европските градови со што треба да се прошири. Граѓаните веќе учествуваа на анкета и сакаат одреден дел од градот да се затвори. - Во делот на постапката за донесување на планот за одржлива урбана мобилност беа вклучени и граѓаните кои дадоа квалитетни предлози. 75 проценти од испитаниците се изјаснија за затворање на централното градско подрачја и воведување на пешачка зона помеѓу улицата „Илинденска“, спојувањето на двата плоштади односно улицата пред „Тутунска банка“ и „Скопски дуќани“, појаснува Сларидис-Јаневска. Сепак, планот ќе треба да одговори и на прашањата како ќе се регулира затворањето на одредени сообраќајници, начинот на кој ќе се спроведува доставата на стоки, паркирањето, пристапот на резидентите од централното градско подрачје. - Сакам да кажам дека при аплицирање со проекти за Европски фондови посебно е ставен акцент на ваквите планови, така што доколку сакаме да црпиме средства, треба посветено да работиме на темата за урбана мобилност, вели раководителката на секторот за урбанизам. ам/фф/

Остани поврзан