• недела, 24 ноември 2024

Куба: Во нафтен капацитет гори голем пожар, предизвикан од гром; има многу повредени

Куба: Во нафтен капацитет гори голем пожар, предизвикан од гром; има многу повредени
Хавана, 6 август 2022 (МИА) -  Голем пожар предизвикан од гром од синоќа гори во нафтена база во близина на кубанското пристаниште Матанзас. Откако гром удрил во една цистерна со нафта во базата, утрово експлодирала уште една. Кубанската државна телевизија јави дека во втората експлозија повредени се најмалку 67 лица, а 17 пожарникари се водат како исчезнати. Цивилите веќе се евакуирани од областа. Според објавата на Твитер на министерот за здравство Хозе Анхел Портал, тројца од повредените се во критична состојба, а уште 12 лица се во тешка состојба. Седум пациенти се префрлени во болниците во главниот град Хавана. Различни новински агенции објавија различни бројки за бројот на повредени. Според информативниот портал Cubadebate, цитиран од ТАСС, тие се најмалку 77. Порталот се повикува на податоци од медицински извори. Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел пристигна на местото, околу 130 километри источно од Хавана, околу полноќ. Пред втората експлозија, тој објави на Твитер дека првите екипи се обидуваат да спречат ширење на пламенот и можно истекување гориво во заливот Матанзас. Во подоцнежниот пост, неговата канцеларија соопшти дека Куба бара совет од пријателските земји за тоа како да го изгасне пожарот. До утринава, пожарот е целосно надвор од контрола, загрозувајќи ги другите резервоари во близина, а чадот стигна до Хавана. Куба страда од секојдневни прекини на електрична енергија, како и недостиг на гориво, па загубата на гориво и капацитет за складирање може дополнително да ја влоши ситуацијата. Според Хорхе Пињон, директор на програмата на Универзитетот во Тексас во Остин за енергија и животна средина за Латинска Америка и Карибите, во базата има осум големи резервоари, секој со капацитет од 300.000 барели. ссм/

Остани поврзан