• недела, 22 декември 2024

Кубанските власти открија илегален канал за регрутирање луѓе за потребите на руската „специјална воена операција“ во Украина

Кубанските власти открија илегален канал за регрутирање луѓе за потребите на руската „специјална воена операција“ во Украина

Хавана, 5 септември 2023 (МИА) - Кубанските власти соопштија дека откриле нелегален канал за регрутирање луѓе за потребите на руската „специјална воена операција“ во Украина, јавија западни медиуми.

Кубанското Министерство за внатрешни работи „работи на неутрализирање и разбивање на мрежата за трговија со луѓе што оперира од Русија за да вклучи кубански граѓани кои живеат таму, па дури и некои од Куба, во вооружените сили кои учествуваат во воените операции во Украина“. Кубанските власти започнаа „кривична постапка против лицата вклучени во тие активности“, се вели во соопштението, без да се наведуваат детали.

Куба не е вклучена во војната во Украина, потсети кубанското Министерство за надворешни работи и категорично ја отфрли практиката на користење платеници.

Хавана излезе со ваква реакција откако американски медиуми на шпански јазик во петокот покажаа двајца кубански тинејџери кои велат дека биле измамени на Фејсбук за да одат да работат на градилишта за руската армија во Украина. Младите велат дека се исплашени и молат за помош, а едниот рече дека се согласил да го легализира својот статус во Русија.

Москва и Хавана, кои беа сојузници за време на советската ера, ги зајакнаа своите дипломатски односи по почетокот на руската војна против Украина. Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел на крајот на минатата година беше примен од неговиот руски колега Владимир Путин, а во текот на оваа година политички и бизнис делегации од двете земји разменија посети. Во јуни, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го пречека својот кубански колега Алваро Лопез Миера. ссм/

Остани поврзан