• вторник, 16 април 2024

Критичкото мислење круцијално за образованието во време на вештачка интелигенција

Критичкото мислење круцијално за образованието во време на вештачка интелигенција

Скопје, 3 март 2024 (МИА) – Брзите промени, новите технологии и сеприсутноста на вештачка интелигенција го одбележуваат денешниот начин на функционирање. Во меѓувреме, образованието и медиумската писменост се трудат да држат чекор со предизвиците што ги носи ВИ, а одговорноста, транспарентноста и критичкото мислење се алтернативите што секој од нас може да ги преземе, за да ги ублажи нејзините влијанија.

Според професорот, Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, овие промени сериозно се одразуваат на животот на секој човек, на продуктивноста на општеството и на државата. Затоа, како што дополнува, е потребна огромна поддршка и визија на државата.

- Дигитализацијата, глобализацијата, многу поиндивидуализираниот свет ги преобмислува животите на луѓето и концептите со кои треба да ги бараме новите модели по кои ќе ги воспитуваме и образуваме идните генерации. Образовните политики и образовните системи сѐ повеќе бараат начини, решенија за воведување на овие технологии со цел подобрување на продуктивноста, и на процесот на учење, и поучување. Од тој аспект, мислам дека ние што сме на факултетите, наставниците, институтите, сме доволно свесни за важноста на оваа тема. Но, станува збор за нешто за кое што е потребна огромна поддршка и визија на државата, на министерствата, бидејќи тоа е еден дефинитивно многу дисциплинарен концепт, вели тој за МИА.

Дополнува дека е добро што имаме Министерство за информатичко општество, но, како што вели, станува збор за еден многу пообемен мултидисциплинарен пристап. 

- Станува збор за една поголема инвестиција во дигитализација на општеството, на образовниот систем. За отворање на катедри за вештачка интелигенција, за наоѓање на позитивни примери како тоа веќе некој го прави во земјите во светот со огромни искуства. Некои веќе имаат и десетгодишно и подолго искуство од овие теми. Ние треба да ги искористиме тие примери сѐ со цел да можеме да ја фатиме динамиката на овој глобален тренд во кој се движат образовните системи, вели Барбареев.

На прашањето како низ сето ова може да опстане критичкото мислење кое е круцијално за образовниот процес, тој вели дека најважни се деталите на знаењето на професијата во наставата.

- Тоа можеби е најважното прашање сега за нас во образованието, особено за педагозите, за луѓето кои се занимаваат со методиката, со деталите на знаењето на професијата во наставата. Мислам дека критичкото мислење е клучно, бидејќи тука не станува збор за фаворизирање на дигитализацијата, на дигиталната технологија, или за спротивставување на традиционалните модели на настава. Овде станува збор за мудроста на знаењето на сите нас во образованието, која е мерката на примена, со цел дали користењето на овие технологии да направат дополнителна вредност во учењето и поучувањето. Тоа е клучното прашање, вели тој. 

Неговиот совет е дека ни се потребни обуки и насоки со цел нашето скромно познавање на овие теми да се зголеми.

- Треба да се направи една мрежа, една визија, една стратегија како тоа треба да се применува, бидејќи едно е дигитализација во основно образование, друго е во средно образование, сосема трето е тоа во високото образование. Сосема нешто друго е во наука, во инженерство, во иновации, во поддршка, во создавање на такви тинк-тенк организации, промовирање и барање на индивидуалци кои сериозно планираат да се занимаваат во иднината на оваа тема, порачува тој.

Дециден е дека ВИ го подобрува концептот, и како што вели, ако сме мудри и посветени на оваа тема, вештачката интелигенција може да биде поддршка на ученикот во неговата индивидуализација во учењето, како и на наставникот, со цел да го искористи, за да може подобро да ја претстави материјата кај студентите.

Одговорно и транспарентно е вистинскиот начин за користење на ВИ

Кристин Ван Дам, предавач и истражувач на Универзитетот во Гент, Белгија, посочи дека нема сомнеж дека ВИ ќе влијае врз начинот на предавање, како се прибираат и пренесуваат материјалите, но, и како учениците може да ја користат вештачката интелигенција при генерирање на прашања, за повторување на материјалот. Во однос на тоа какво влијание ќе има, таа вели дека е рано да се процени.

- Со оглед на тоа дека сме во фаза на експериментирање, во моментов е безопасно, така што не треба да се крева морална паника. Лично сметам дека ние како наставници нема да бидеме заменети со системи на вештачка интелигенција. Се надевам дека ќе се користи на одговорен начин и се надевам и претпоставувам дека ќе има позитивно, а не негативно влијание. Нема да навлегувам во тоа дека во денешно време сите работи поврзани со информациите се хаотични и дека има замена на работни места, па така сакам да верувам дека тоа нема да се случи, вели таа.

Нејзиниот совет до студентите и новинарите во врска со користењето на вештачката интелигенција е да се користи одговорно и транспарентно. 

- Најважна работа е да се користи одговорно, односно, да се знае што може а што не може да направи. Така што јас не сум таа што ќе каже „не ти е дозволено да користиш ВИ во твојата работа“. Можеш, но ти како личност и твојот мозок сте одговорни. И во новинарството и во образованието, овој систем на вклучување на човекот и неговата крајна одговорност е од огромна важност. Исто така, треба да бидеме транспарентни околу ВИ. Односно, ако сакаш да го користиш, во ред, но, кажи ми како и зошто го користиш, и дали довело до твое подобрување или промена. Така што, одговорно користење е вистинскиот начин, заклучува таа.

 

Ангела Рајчевска

Фото: МИА

Видео и монтажа: Срѓан Крстиќ

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан