• петок, 05 декември 2025

Кремљ го смета прашањето за британските и француските нуклеарни арсенали за актуелно

Кремљ го смета прашањето за британските и француските нуклеарни арсенали за актуелно

Москва, 29 септември 2025 (МИА) - Дијалогот за иднината на договорот за контрола на нуклеарното оружје „Нов СТАРТ“ треба да го иницираат Москва и Вашингтон, но прашањето за нуклеарните арсенали на Лондон и Париз неизбежно ќе мора да се реши подоцна, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела изјави дека е подготвен да го продолжи договорот „Нов СТАРТ“, кој наметнува ограничувања на стратешкото нуклеарно оружје на Русија и САД, за една година доколку американскиот претседател Доналд Трамп го стори истото.

Прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека рускиот предлог звучи „прилично добро“, но додаде дека прашањето зависи од американскиот претседател. Трамп во јули изјави дека сака да ги задржи ограничувањата на стратешкото нуклеарно оружје на САД и Русија.

-Преговорите треба да започнат тука, несомнено на билатерално ниво, рече Песков синоќа, нагласувајќи дека ова е договор меѓу Русија и САД.

Портпаролот на Кремљ беше прашан дали барањето за евидентирање на нуклеарните арсенали на Велика Британија и Франција останува на сила, со оглед на новата иницијатива на претседателот Путин.

-Во иднина, нема да биде можно да се игнорираат овие арсенали. Покрај тоа, овие арсенали се дел од целокупниот проблем на глобалната и европската безбедност и стабилност“, одговори Песков.

Договорот „Нов СТАРТ“ беше потпишан во 2010 година од тогашните претседатели на САД и Русија, Барак Обама и Дмитриј Медведев, и предвидува ограничување на бројот на стратешки нуклеарни боеви глави што САД и Русија имаат право да ги имаат. Договорот стапи во сила во 2011 година, а во 2021 година неговиот рок беше продолжен за пет години. „Нов СТАРТ“ им овозможува на американските и руските инспектори да се осигурат дека двете страни ги почитуваат условите на договорот.

Во февруари 2023 година, Путин објави дека Русија го суспендира своето учество во договорот, но не се повлекува од него. Русија сакаше да разбере како ќе се евидентираат арсеналите на другите нуклеарни сили во НАТО, Велика Британија и Франција, пред да се врати на дијалог за договорот.

Русија и САД имаат најголеми нуклеарни арсенали во светот. „Нов СТАРТ“ го ограничува бројот на распоредени стратешки нуклеарни боеви глави на 1.550, а бројот на возила за испорака: ракети, подморници и бомбардери, на 700 за секоја земја. Франција и Обединетото Кралство, кои никогаш не беа страни во Нов СТАРТ, имаат помеѓу 250 и 300 боеви глави секоја. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан