Кошаркарската репрезентација на Македонија ги почна подготовките
- Со првиот тренинг во салата на СРЦ „Кале“ и официјално почнаа подготовките на машка сениорска репрезентација на Македонија
Скопје, 14.јули 2025 (МИА) - Со првиот тренинг попладнево во салата на СРЦ „Кале“ и официјално почнаа подготовките на машка сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија. Селекторот Марјан Илиевски и неговите соработници, Мирко Петрески, Борче Даскаловски и Миодраг Тодоровиќ, на првиот собир ги имаа на располагање следниве кошаркари: Марин Петков, Андреј Магдевски, Амар Хот, Валмир Какруки, Лука Стојановски, Андреј Митревски, Максим Митревски, Лука Савичевиќ, Андреј Андоновски и Марко Миловановиќ
Лејсон Зекири поради болки го пропушти првиот собир, а на 17.јули пред заминувањето за Гевгелија на националниот тим ќе му се приклучи Адем Мекиќ, а два дена подоцна, во стројот ќе биде и Теодор Симиќ. Андреј Јакимовски ќе се појави на подготовките на 23.јули.
Со младинските репрезентации обврски имаат: Марко Луканоски и Стефан Стојковиќ, додека Никола Јаничиќ го чека настап за селекцијата на Македонија М18 на Европското првенство во Србија.
- Очекував да дојде Ненад Димитријевиќ, но за жал тој нема да биде во комбинација бидејќи летото го користи за свој одмор и дава приоритет за клупската иднина. Ние бевме расположени да му овозможиме да дојде подоцна, но последната информација е дека тој нема да игра во овие претквалификации. Жалам што некои кошаркари, а и нивните клубови пристапија со став дека ова се претквалификации за Светско првенство и тоа не е многу важно, а би биле тука за претквалификации за Европско првенство, изјави селекторот Илиевски.
Дополнително во Гевгелија во националниот тим ќе се појави Џејкоб Вајли.
Во Гевгелија, Македонија ќе одигра два натпревара на 25. и 26. јули, против Швајцарија, по што следува преселба во Куманово каде „црвено-жолтите“ ќе ги дочекаат претквалификациските натпревари.
Македонија на 2.август игра дома со Романија, на 9.август гостува во Шолнок кај Унгарија, потоа на 13.август гостува во Орадеа кај Романија и во последното коло на 20.август во Куманово ја пречекува Унгарија. мн/
Фото: Фејсбук Кошаркарска федерација на Македонија