• вторник, 07 мај 2024

Кошаркарките на „Патриот 2016“ есенски шампион во Првата Б лига

Кошаркарките на „Патриот 2016“ есенски шампион во Првата Б лига

Делчево, 27 јануари 2024 (МИА) - Женскиот кошаркарски клуб „Патриот 2016“ од Делчево е есенски шампион во Првата Б лига, откако во последниот натпревар по првиот дел од сезоната, во спортската сала „Методи Митевски – Брицо“ во Делчево денеска забележаа убедлива победа од 82:36 над екипата на Јан Бор од Кавадарци. 

Првиот дел од сезоната делчевските кошаркарки го завршија со перфектен скор од 8 победи од исто толку натпревари, што според тренерот е круна на напорната работа на екипата во изминатиот период.

-Клучниот исчекор го направивме во минатото коло кога на гости ја совладавме екипата на Шкупи која е наш најсериозен конкурент за првото место. Благодарност до моите кошаркарки за прикажаното и одличната борбеност која ги красеше на сите натпревари исто како и на денешниот кој убедливо го добивме, рече Петровски.

Тренерот очекува добрата игра на неговите избранички да продолжи и во вториот дел од сезоната, а целта како што рече е враќање во првото по квалитет натпреварување во женска конкуренција. 

-Веќе следната недела продолжуваме со настапите во Првата Б лига. Очекувам добра игра и во вториот дел од сезоната  за да го задржиме тоа прво место, што ќе ни даде можност да дојдеме до поволна позиција во разигрувањето, додаде Петровски.

Делчевки во следното коло се домаќинки на екипата на КК „Гостивар“, а од клубот Патриот 2016 упатија отворена покана до љубителите на кошарката да бидат шестиот играч на екипата и носители на новата победа за кошаркарките од Делчево. вс/вј/

 

Фото: МИА

Остани поврзан