• недела, 22 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Училиштето во Љубојно е основата на нашето образование и идентитет

Костадиновска-Стојчевска: Училиштето во Љубојно е основата на нашето образование и идентитет

Скопје, 7 мај 2024 (МИА) - Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, од старото училиште во Љубојно, каде што е започната реконструкцијата за создавање нов модерен Центар за македонски јазик, порача дека темелите на ова здание се историски темели на образованието на мајчин македонски јазик, информираат од Министерството за култура.

-Низ оваа порта која пркосно им одолева на децениите, на крајот на наредната, 2025 година, ќе влезат лингвисти, педагози, наставници, професори по македонски јазик, вљубеници во македонскиот збор. И објектот со имотен лист 55 ќе остане како паметник за генерациите по нас дека темелите на ова здание се историски темели на образованието на мајчин македонски јазик, столбот на нашиот идентитет, нагласила Костадиновска-Стојчевска.

Таа потсетува дека овде во воената 1944-та заѕвонило училишното ѕвоно и го означило почетокот на наставата на мајчин македонски јазик. Првото училиште во Преспа, второ во Македонија.

-Си дадовме завет дека ќе го обновиме и овој светилник чии ѕидови, подигнати од рацете на нашите мајстори пред 142 години, издржале и војни и земјотреси и пожари и невремиња. И пак се тука, како сведоштво за нас, за нашето јас, рекла министерката за култура.

Таа посочила дека Владата, преку Министерството за култура, за градење на новиот Центар за промоција на македонскиот јазик, врз темелите на старото училиште, обезбеди 32,8 милиони денари.

-Чувајќи ги историјата и културата на нашата држава, Владата, Министерството за култура и Заводот и музеј Битола си ја поставиле таа задача и во чест на македонските дејци и во спомен на сите просветни работници. Грижата за македонскиот јазик и негова афирмација во светот продолжува преку проектите на Министерството за култура и издавачката дејност, но и преку овој нов Центар кој на современ начин ќе ги обедини сите генерации домашни и странски македонисти, во дом на македонистиката, информира Министерството за култура. сст/лв/

фото МИА архива, видео Министерство за култура

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан