• недела, 22 декември 2024

Концерт на Пламенка Трајковска - гудачки квартет во црквата Пресвета Богородица во Истанбул

Концерт на Пламенка Трајковска - гудачки квартет во црквата Пресвета Богородица во Истанбул
Истанбул, 14 јуни 2022 (МИА) - Пламенка Трајковска - гудачки квартет вчера реализираше ексклузивен концерт во православната црква Пресвета Богородица во Истанбул на покана на Светата Архиепископија на Константинопол во општина Јеникој. Концертот беше во чест на Неговата Света Светост Екуменски Патријарх Вартоломеј и промоцијата на книгата „Од Имврос до Фанари Патријархот Вартоломеј“. Во гудачкиот квартет покрај виолинистката Пламенка Трајковска настапија и Сандра Крстевска на виола, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело. На програмата беа класични композиции, композиции инспирирани од македонскиот фолклорен мелос и авторски дела на Пламенка Трајковска. -Нашиот гудачки квартет настапи пред Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх Бартоломеј. За нашето музицирање добивме благослов и пригоден подарок. Неописливо чувство чест и задоволство, напиша Трајковска на Фејсбук. Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска досега реализирал голем број на концерти на сите сцени во Северна Македонија и на најзначајните фестивали кај нас како: Скопско лето, Битфест, Штипско лето, Петровденски ракувања, Топол културен бран, Караманови средби, Кавадаречка културна есен, Велешко културно лето и многу други манифестации. Членовите на гудачкиот квартет реализирале концерти во Хрватска, Грција, Србија, Бугарија, Франција и Танзанија. Концертот вчера беше одржан со поддршка на Министерството за култура, Културно информативниот центар во Истанбул и Светата Архиепископија на Константинопол. ац/

Остани поврзан