• понеделник, 23 декември 2024

Конференција: Се прават напори за развој на специјализирани згрижувачки семејства, потребен стручен персонал и мултипрофесионален тим

Конференција: Се прават напори за развој на специјализирани згрижувачки семејства, потребен стручен персонал и мултипрофесионален тим
Скопје, 6 октомври 2022 (МИА) - Кога станува збор за згрижувачко семејство како најблиска форма до биолошкото семејство, важни се потребата на детето, добрата проценка при сместување во најсоодветно семејство, подготовка на згрижувачите, како и нивна едукација. На полето на развој и унапредување на услугата згрижување во згрижувачко семејство, Министерството за труд и социјална политика прави напори да се прошири мрежата за да се подигне квалитетот на грижа во постоечките згрижувачки семејства и да се развијат специјализирани згрижувачки семејства. Важни предуслови за квалитетна и одржлива помош и заштита на децата и младите се доволно стручен персонал и мултипрофесионален тим. Ова денеска беше истакнато на конференција за размена на знаења и практики помеѓу стручни лица од Австрија и Северна Македонија на тема „Згрижување и згрижувачки семејства“ што се одржа во Скопје. Во своето воведно обраќање, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска која нагласи дека во последните неколку години Република Северна Македонија интензивно работи на развивање на формите за сместување во згрижувачко семејство како вонинституционална форма на заштита, меѓутоа, како што посочи мора и постојано да се унапредува. - Министерството, спроведувајќи го процесот на деинституционализација презеде низа активности за развој на оваа форма на заштита преку донесување на законски и подзаконски акти, упатства, програми за работа, како и обука на стручните работници во насока на зголемување на бројот меѓутоа и зголемување на квалитетот на згрижувачките семејства, рече Тренчевска. Согласно реформата во социјалната заштита, како што појасни, за првпат се воведе и роднинското згрижување, а во делот на поддршката на згрижувачките семејства како нова форма за првпат е предвиден Центар за поддршка на згрижувачки семејства којшто врши промоција на услугата згрижување во семејство, подготовка, проценка и обука на идните згрижувачи како и следење и поддршка на постојните семејства. Аташето при Австриската амбасадата Харалд Фугер, во својот говор, се осврна на благосостојбата на децата и младите во Австрија и потенцира дека и таму се уште има предизвици на тоа поле и дека бројот на тие предизвици не се намалува. Кризи во семејствата, како што рече, има и понатаму ќе има, а тоа го покажуваат 11-та илјади пријави за загрозување на децата на годишно ниво само во градот Виена. Во цела Австрија тоа би биле околу 50 илјади пријави за деца во ризик. - Згрижувачките родители во кризни ситуации и кризните центри во Австрија играат важна улога за обезбедување безбедна средина за децата кога има пријава за ризик, за да се утврди дали е возможно и во кој степен е возможно враќање во семејството со одредени ограничувања или пак дали треба да се размислува за други форми на згрижување. Воведувањето на сеопфатен систем за превентивна поддршка на семејствата во ризик, како и соодветни услуги за советување, поддршка и помош во случај на кризи во биолошките семејства доведува до намалување на интервентното сместување на децата надвор од нивното семејство, рече Фугер. Важни предуслови за квалитетна и одржлива помош и заштита на децата и младите, според него, се доволно стручен персонал и мултипрофесионален тим. Австрија, заклучи тој, ја поддржува Северна Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ преку најразлични активности. Затоа актуелно, австриското Министерство за социјална политика финансира 13 билатерални проекти со вкупни трошоци во висина од 1,8 милиони евра во социјалниот сектор. Извршната директорка на СОС Детско село, Јулијана Накова Гапо, пак, нагласи дека е важна поддршката и следењето на грижата, како и со исклучителна важност да се осигура дека децата се сместени не само во сигурна средина, туку и дека нивните потреби се подмирени и оти нивниот глас е слушнат. Според неа, важно е и згрижувачите да бидат поддржани при секој нивни предизвик или потреба и да бидат сигурни дека имаат системска поддршка во заедницата. - Грижата за децата во ризик е обврска на сите нас. Детско село и граѓанскиот сектор е партнер на институциите во обезбедувањето подобри услуги за грижа на деца, нагласи Гапо. мс/сп/

Остани поврзан