Конференција „Разговори со Ѓорѓи Марјановиќ - Како Македонија да стане пристојно место за живеење“
- Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и Правниот факултет „Јустинијан Први“ денеска организираа конференција „Разговори со Ѓорѓи Марјановиќ“ за одбележување 85 години од раѓањето на професорот Марјановиќ, на тема „Како Македонија може да стане пристојно место за живеење“.
Скопје, 28 мај 2024 (МИА) – Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и Правниот факултет „Јустинијан Први“ денеска организираа конференција „Разговори со Ѓорѓи Марјановиќ“ за одбележување 85 години од раѓањето на професорот Марјановиќ, на тема „Како Македонија може да стане пристојно место за живеење“.
Учесниците ја потенцираа респектабилната научна и професорска кариера на Марјановиќ, неговото познавање на кривично право, инспиративните предавања пред студентите, цврстите ставови за многу правни и општествени прашања, неговиот интегритет и храброст особено со иницијативата за укинување на вербалниот деликт (член 133) во 1983 во СФРЈ, основањето на првата политичка партија во независна Република Македонија - Лига за демократија, неговата ерудиција, преводите на Пруст и Радбрух, вљубеноста во класичната музика, луцидноста во комуникацијата со неговите колеги и во колумните објавени во дневниот печат.
Беше нагласено дека Марјановиќ оставил многу зад себе живеејќи со паролата да размислуваме како Македонија да ја направиме пристојно место за живеење. Тоа било мотото што го водело и во неговиот професионален и политички ангажман, пред се изградба на правна држава и владеење на правото, а тоа мото било и во платформата на неговата Лига за демократија.
Александар Марјановиќ, извршен директор на фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и син на професорот, рече наместо да се бара вината кај други, да ја побараме во нас, а за тоа, рече, ни требаат лидери и луѓе со интегритет.
-Иднина зависи само од нас самите и од развојот на човечкиот потенцијал, истакна Александар Марјановиќ и соопшти дека главните цели на фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ се Академијата на идни лидери и Фондот за школување на деца без родители бидејќи и самиот професор ја имал судбината да остане без родители и да биде посвоено дете.
Подарок за 85-тиот роденден на неговиот татко, рече тој, е организирањето на овој настан на кој беа промовирани и две книги „Собрани стручни трудови од Ѓорѓи Марјановиќ“ и „Разговори со Ѓорѓи Марјановиќ“ од разговори Бранко Секуловски.
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова истакна дека проф. Марјановиќ бил нејзиниот Сократ, „луциден интелектуалец со брилијантна логика и бунтовник“, како што рече, „првото перо во југословенското кривично право“. Нагласи дека е горда што му била студентка и 10-ката од него и е една од најомилените.
И покрај неговата жестока критика, рече, никој не може да каже дека проф. Марјановиќ бил европесимист или евроскептик зашто секогаш укажувал на европските вредности, во колумните потенцирал дека има остра разлика помеѓу моралот на Европа „што го одбива“ и нејзината култура и цивилизација „што го привлекува“.
- Во надворешната политика проф. Марјановиќ беше остар, не поднесуваше двојни стандарди кон македонскиот случај...Честопати велеше дека ние паднавме на евротестот ама дека и тие паднале на евротестот. И за прашањето за името проф. Марјановиќ укажуваше на апсурдноста на спорот... и велеше дека дискриминацијата не смее да се практикува од Советот на Европа и дека некои нешта едноставно не се бранат, рече меѓу другото Сиљановска-Давкова.
Најмногу ја повторувал неопходноста Македонија да стане држава што ќе биде пристојно место за живеење и дека тоа, како што рече, била неговата врвна животна и политичка цел која ја промовирал и во програмата за Лига за демократија.
- За жал, беше многу децении пред времето... За него како врвен правник, како ерудит, како Сократ, мислам дека пристојно место за живеење е правната држава, заштитените слободи и права на човекот и граѓанинот, ограничената власт, значи силни институции, а не силни поединци. Всушност, проф. Марјановиќ ги промовираше копенхагенските критериуми како врвен приоритет на македонската држава во време кога тоа не беше официјално утврдено, рече Сиљановска-Давкова.
Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, студент на Марјановиќ, рече дека тој бил олицетворение на интегритет, му бил патоказ во животот, од него првпат го добил учебникот по Кривично право и заради него се запишал на Правниот факултет.
Според Димитров, за да биде државава пристојно место за живот, потребна е функционалност на институциите и професионалците да не зависат од партиски одлуки, а за тоа да се спречи треба да се ограничи влијанието на партиите.
-Нашиот проблем не е менталитетот и традицијата, туку е системски. Нашите граѓани надвор се успешни, но нашиот систем не ги сака успешните. Кај нас нема јасна линија каде завршува државата, а каде почнува партијата. И кога предолго време е поважно дали сте нечиј, на една ли на друга партија, а помалку е важно колку сте способни и какви квалификации имате, кога партискиот колач ја покрива целата држава, тоа со време ги ослабува и ги уништува институциите, рече Димитров со порака дека вистинскиот правец е да има правда и одговорност.
Самиот европски процес како реформска алатка, рече Димитров, нема да донесе резултати сам по себе ако нема домашна сила што ќе турка напред и „гласна енергија што ќе ги турка партиите да растат“.
-Немаме луксуз повторно да одиме по стариот лош круг и да ги правиме постојано старите исти грешки. Мора да има закон еднаков за сите, мора да има правда и одговорност, додаде Димитров.
На конференцијата говореа и новинарот Бранко Героски, кој зборуваше за интервју што како млад новинар го имал со професорот и за тоа како присуствувал на „партиското судење“ на Марјановиќ na Правниот факултет заради неговата борба за укинување на вербалниот деликт.
Извршната директорка на „Македонија 2025“ Никица Мојсоска-Блажевски, пак, во своето излагање посочи дека ја делат визијата на Марјановиќ - Македонија да биде пристојно место за живеење и дека за тоа се неопходни два елемента - повисок животен стандард и квалитет на живот. хс/аа/
Фото: МИА