• понеделник, 25 ноември 2024

Континуиран пад на излезноста на изминатите три локални избори, овогодишниот прв круг со рекордно најнизок одѕив досега

Континуиран пад на излезноста на изминатите три локални избори, овогодишниот прв круг со рекордно најнизок одѕив досега
Скопје, 2 ноември 2021 (МИА) - Со 51,44 проценти во првиот круг Локалните избори 2021 имаат рекордно најниска излезност од сите гласања за избор на градоначалници и советници на општини од независноста досега, додека излезноста на вториот круг со 49,65 проценти е втора најниска. Генерално излезноста на сите избори досега е помала во вториот, споредено со првиот круг, најголем пад има на изборите во 2009 година од 14 проценти, додека најмал на овие - само два проценти. За споредба, разликата на излезноста меѓу првиот и вториот на претходните локални избори во 2017 година е осум проценти. Најголем одѕив во првиот круг имало на локалните во 2013 година – 67 проценти, по што следи намалување од седум проценти на 60 отсто на следните во 2017 година, за споредено со 2021 година да имаме намалување од девет проценти на 51 отсто. Изминатите три локални избори е забележан континуиран пад на излезноста. Со средна вредност од 66 отсто излезност во 2013, на следните локални избори во 2017 година се бележи пад од десет проценти на 56 отсто, а на последните избори оваа година средната излезност од двата круга да падне на 50 отсто, што е пад од шест проценти во однос на претходните избори. Ова беа седми локални избори од независноста на државата, но трети на кои се избираа градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Право на глас имаа 1 824 864 гласачи, што е најмногу од сите локални избори досега и раст од 10 220 гласачи, во однос на изборите во 2017 година. Први локални избори на 17 ноември 1996 година - излезност во прв круг - 60 отсто, во втор круг 51 проценти. Втори локални избори на 10 септември 2000 година - излезност во прв круг - 59 отсто, во втор круг 53 проценти. Трети локални избори на 13 март 2005 година - излезност во прв круг - 56,36 отсто, во втор круг - 53,66 проценти. Четврти локални избори на 22 март 2009 година - излезност во прв круг - 57 отсто, во втор - 43 проценти. Петти локални избори на 24 март 2013 година - излезност во прв круг - 67 отсто, во втор - 65 отсто Шести локални избори на 15 октомври 2017 година - излезност во прв круг - 60 отсто, во втор круг - 52 проценти Седми локални избори на 17 октомври 2021 година - излезноста во прв круг - 51 отсто, во втор круг - 49 проценти. аа/ац/

Остани поврзан