• четврток, 13 март 2025

Конго и бунтовниците М23 ќе имаат мировни преговори во Ангола на 18 март

Конго и бунтовниците М23 ќе имаат мировни преговори во Ангола на 18 март

Дакар, 12 март 2025 (МИА) - Владата на Конго ќе учествува на мировните преговори во Ангола следната недела со бунтовничката група М23, поддржана од Руанда, која ги зазеде клучните области источно од Конго, богати со минерали, објавија властите во Луанда.

Кабинетот на анголскиот претседател Жоао Лоренсо соопшти дека двете страни ќе започнат „директни мировни преговори“ во главниот град на земјата на 18 март.

Ангола е посредник во конфликтот во источно Конго кој ескалира кон крајот на јануари кога бунтовниците поддржани од Руанда ја презедоа контролата врз стратешкиот град Гома.

Во февруари М23 го освои Букаву, вториот по големина град во источно Конго.

Претседателот на Конго, Феликс Чисекеди вчера ја посети Ангола и разговараше за можноста за мировни преговори.

Владата на Конго не го коментира соопштението на Ангола.

Соопштението доаѓа по неколку откажани мировни преговори на кои домаќин беше Ангола и од кои М23 беше исклучен. Учествуваа само поддржувачите на Руанда на таа вооружена формација.

М23 е една од стотиците вооружени групи кои се борат меѓу себе во источниот дел на Конго, богат со минерали, во близина на границата со Руанда.

Конфликтот создаде една од најзначајните хуманитарни кризи во светот. Повеќе од 7 милиони луѓе се раселени од оваа област.

Според експертите на ОН, бунтовниците се поддржани од околу 4.000 војници од соседна Руанда и повремено ветуваат дека ќе маршираат сè до главниот град на Конго, Киншаса, оддалечен повеќе од 1.500 километри. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан