• четврток, 04 декември 2025

Комитетот за правни прашања на ЕП го одби барањето на Унгарија за одземање на имунитетот на европратеничката Салис 

Комитетот за правни прашања на ЕП го одби барањето на Унгарија за одземање на имунитетот на европратеничката Салис 

Брисел, 23 септември 2025 (МИА) - Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент денеска со 13 гласа „против“ и 12 „за“ го одби барањето на Унгарија за одземање на пратеничкиот имунитет на европратеничката Иларија Салис од редовите на италијанската екстремно левичарска Алијанса на зелените и левицата (АВС). 

Сепак, конечната одлука по барањето за одземање на имунитетот на Салис ќе треба да ја донесе Европарламентот на своето пленарно заседание во октомври во Стразбур.  

Унгарија побара одземање на имунитетот на Салис со цел да може да и се суди по обвиненијата за напад врз десничарски демонстранти во Будимпешта во 2023 година и за врски со екстремистичка група. 

Членот на Комитетот, францускиот европратеник Давид Корман од групата на Зелените, оцени дека денешната одлука за неодземање на имунитетот на Салис претставува „важна победа“. 

- Таа се однесува не само на индивидуалниот случај на избран пратеник, туку и на почитувањето на основните права и заштитната улога на пратеничкиот имунитет, рече Корман. 

Известителот на Комитетот за случајот, шпанскиот европратеник од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Адријан Васкез Лазара изјави дека на пратениците од редовите на социјалдемократите, зелените и левицата им понудил компромисен договор, според кој одлуката за одземање на имунитетот на Салис би стапила во сила по конечната судска пресуда, но дека тие го одбиле таквиот предлог. 

- Идејата беше да и се даде време на Салис да помине низ процесот, а воедно да биде заштитена, рече Васкез Лазара. 

Според него, одлуката на Комитетот покажува дека некои пратенички групи претпочитаат да се занимаваат со политика, наместо да ги почитуваат правилата на Европарламентот. 

Васкез Лазара оцени дека денешната одлука претставува „преседан“, додавајќи дека очекува Унгарија да ја обжали пред Европскиот суд на правдата. сп/ми/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан