• понеделник, 23 декември 2024

Комисиска расправа за имени и дополнувања на Законот за работни односи

Комисиска расправа за имени и дополнувања на Законот за работни односи
Скопје, 2 јуни 2022 (МИА) - Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска расправаше по изменувањата и дополнувањата на Законот за работните односи, поднесени од група пратеници од парламентарното мнозинство, а се однесуваат на дел од одредбите за недела неработен ден, но и за продолжување на мандатот на судии и јавни обвинители, односно зголемување на старосната граница кога тие можат да одат во пензија и таа да изнесува 67, наместо 64 години. Продолжувањето на мандатот на судиите и јавните обвинители за три години, според предлагачите, се бара поради тоа што може да се јави нивен недостиг поради тоа што процедурата потребна за обуки, а потоа и за избор на нови судии и јавни обвинители. Жаклина Лазаревска од СДСМ, која е еден од предлагачите на законот, појасни дека почетната обука на кандидатите за судии и јавни обвинители трае две години, а по нивен избор за судии/обвинители, првите пет години судат на предмети кои не се од сложен карактер. Имајќи ги во предвид роковите утврдени за влез во Академијата, па се до нивниот избор, настаната е ситуација одредени судии и јавни обвинители во тој период да заминат во пензија и да им престане работниот однос по сила на законот. Од друга страна, во тој период, кандидатите за судии и јавни обвинители се уште нема да бидат дел од правосудниот систем и ова ќе доведе до намалување на бројот на судии и обвинители кои треба да се справат со редовниот прилив на предмети, а со тоа и со вршењето на овие две функции во целина. Според пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, овие измени во делот на мандатот на судиите се крајно проблематични и се отвора можност за класификација на судиите и јавните обвинители на подобни и неподобни, послушни и непослушни како и можност за уште поголема и подлабока партизација на судството. Дополнително, нагласија тие, според стандардите на ЕУ, бројот на судии во однос на бројот на население е голем. Проблемот велат, не е во малубројноста, туку во партизираноста и неажурноста. Пратеникот Дајанчо Ефтимов истакна дека уште поголем проблем со овие измени за чие донесување е потребно просто мнозинство, би се дерогирале одредби од законско решение за судови кои, како што рече, се носи со двотретинско мнозинство. Дополнително, нагласи, сите овие измени за судиите и јавните обвинители во овој закон, СДСМ се обидува да ги протне во сенка на измените кои се однесуваат на „недела неработен“ ден кои се дел од истиов предлог закон и каде се направени измени кои што ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ посочувавме уште кога се носеше законот. Тој побара измените кои се однесуваат за судиите и јавните обвинители да бидат тргнати од овој предлог закон, и оти тие како пратеничка група ќе дадат придонес за измените кои се однесуваат за „недела неработен ден“. Седницата на Комисијата беше прекината, а продолжението ќе биде дополнително закажано. сст/лв/  

Остани поврзан