• вторник, 11 март 2025

Комеморација по повод 82 години од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка

Комеморација по повод 82 години од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - Комеморација по повод 82 години од депортацијата на 7144 македонски Евреи во логорот Треблинка беше одржана денеска пред Споменикот во некогашниот скопски Монопол – местото  каде што еврејски семејства од Скопје, Битола и Штип биле затворени во привремен транзитен камп и на крајот од март депортирани во логорот на смртта во окупирана Полска. 

Претседателот на Еврејската заедница во земјава, Пепо Леви, во својот говор рече дека во март 1943, еврејските маала во Скопје, Битола и Штип останале без своите Евреи и тие никогаш повеќе не зачекориле по калдрмите покрај реките Драгор, Отиња и Вардар. 

-11 март ’43, Хитлер конечно го решава еврејското прашање во Македонија преку своите фашистички сателити од Бугарија. Деведесет и осум отсто од еврејската популација во Македонија никогаш повеќе нема да го види македонското сонце. Сите 7144 Евреи ќе завршат во гасните комори на Треблинка. Втората светска војна однесе 50 милиони жртви, од кои шест милиони Евреи... За жал, идеите за уништување на Евреите се уште постојат. Светот плати огромна цена на колебливоста во спротивставувањето на Хитлер. Затоа денес е поважно од кога било да се покаже светска солидарност во сеќавање на жртвите на холокаустот и решителност во справување со сите зачетоци на антисемитизмот, истакна Леви. 

Како што рече, станале секојдневие антисемитизмот, ксенофобијата и фашизоидните изјави „во срцето на Европа“, а „во разноразни облици се будат и на Балканот, па и во Македонија“.

-Затоа, мора да престанеме со омраза, со омаловажување и навреди, обиди за доминација и супериорност и со бесмислени војни. Доста е со убивање на недолжни и невини, доста е со убивање на жени и деца.  Честопати се прашувам дали 50 милиони жртви од Втората светска војна, од кои шест милиони Евреи, се научена лекција за светот да живее во мир и демократија, почитувајќи ја различноста на народите, јазиците и културите. Очигледно е дека големите поделби и најновите збиднувања кои се повеќе наликуваат на нови поделби, на интересни сфери на големите сили, не ни даваат доверба дека лекцијата е научена. Искрено се надевам во победа на демократските сили, дека ќе надвладее разумот. 7144 еврејски жртви на холокаустот од Штип, Битола и Скопје нека претставуваат залог за живот во мир и слога, живот без војна и омраза. На тоа нѐ обврзуваат милионските жртви од Втората светска војна. Слава им!, истакна Леви. 

Амбасадорката на Израел во земјава, Симона Франкел, рече дека Македонија изгуби најголем процент на Евреи споредено со која било друга земја во светот, односно „речиси 98 проценти од нив беа истребени во текот на холокаустот, а само 200 македонски Евреи преживеаја до крајот на војната“.

-Пред војната, еврејските заедници во Скопје, Битола и Штип уживаа мирен живот полн со култура и традиција, како и слобода на религија. Овој живот беше овозможен преку заемна почит со другите заедници. Денес, иако заедницата е мала, таа го ужива истото ниво на почит и соработка со владата и администрацијата, а организацијата на овој настан е најдобар пример за тоа, рече Франкел.

Нагласи дека „историјата на издржливост и мултикултурализам на Северна Македонија претставува сведоштво за силата на единството и моќта на соживотот“. 

-Вашите напори да се зачува сеќавањето за холокаустот преку едукација и иницијативи, како Меморијалниот центар за холокаустот во Скопје, се особено значајни и го одразуваат ветувањето што сите ние мора да го одржиме – никогаш повеќе! Нашите истории се меѓусебно поврзани, Евреите го нарекувале дом овој регион со векови наназад и ги споделувале победите и трагедиите. Приказната за Евреите во Македонија е приказна за интеграција на култура и споделена човечност, што беше трагично прекината со холокаустот, но никогаш не беше избришана, истакна Франкел. 

Амбасадорката посочи дека на почетокот од овој месец, Израел го презеде претседавањето со Меѓународниот сојуз за сеќавање на холокаустот и го поздрави приклучувањето на Северна Македонија кон оваа организација и поддршката на Декларацијата за борба против антисемитизмот.

Со порака никогаш да не се заборави, на комеморацијата се обрати и премиерот Христијан Мицкоски кој истакна дека ова не е само ден на тага и сеќавање на страдањето на македонските Евреи, туку и ден на предупредување, „ден во кој ние, како народ и човештво, потврдуваме дека никогаш нема да дозволиме историјата да се повтори“.

-Таа година во март, тогашната фашистичка бугарска окупациска власт, во координација со нацистичките власти, наредија апсење и депортација на сите Евреи од тогашната Вардарска Македонија. 7144 мажи, жени и деца беа присилно собрани и одведени во привремениот логор во Скопје, во објектот на тогашниот „Монопол“. Цела една заедница, цели семејства, цели генерации беа загубени... Кога злото се шири, кога неправдата се врши, кога насилството станува правило, ако луѓето молчат, тогаш злото победува и затоа наша обврска денес, како и секој ден, е да зборуваме, да не дозволиме нови генерации да пораснат без да ја знаат вистината, да не дозволиме омразата да најде ново тло за да никне, да се бориме против секоја форма на антисемитизам, дискриминација и омраза, да ги учиме нашите деца дека толеранцијата, хуманоста и солидарноста се темелите на едно праведно општество и да не молчиме пред неправда, истакна Мицкоски.

Претседателот на Владата подвлече дека Македонија е земја на различности „која отсекогаш била дом за многу култури, религии и народи и тоа е нашето богатство, нашата сила“. 

-Еврејската заедница, иако речиси уништена за време на холокаустот, останува дел од нашата историја, нашето секојдневие, нашата иднина, нашето културно наследство и нашата совест. Затоа, денес, додека стоиме овде, нека нашето сеќавање не биде само минато, туку и повик за иднината. Нека нивната трагедија ни биде лекција, нека нивните животи ни бидат потсетник, нека нивната болка ни биде опомена. Никогаш да не се заборави! Никогаш повеќе!, истакна Мицкоски.

Венци цвеќе пред Споменикот на македонските Евреи во некогашниот Монопол положија делегации на Владата, Собранието, Претседателот на РСМ,  претставници на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и претставници на еврејски заедници од други земји, амбасадори, претставници на борците од НОБ, АРМ, здруженија на граѓани и институции. хс/аа/

Фото: МИА 

 

 

 

Остани поврзан