• четврток, 19 декември 2024

Командант „Комбат“: Украина ја проби руската одбранбена линија на јужниот фронт 

Командант „Комбат“:  Украина ја проби руската одбранбена линија на јужниот фронт 

Киев, 26 август 2023 (МИА) - Украинските сили се убедени дека ја пробиле најтешката линија на руската одбрана на југот на земјата и сега ќе можат побрзо да напредуваат, изјави еден од украинските команданти, пренесуваат британските медиуми.

Украина во јуни ја почна долго најавуваната контраофанзива на фронтот, но добро подготвените руски одбранбени линии засилени со мински полиња го забавија нивното напредување на југ кон Азовското Море.

Украинските сили пред три дена соопштија дека го кренале  државното знаме во селото Роботин, во јужниот регион Запорожје, на околу 10 километри јужно од градот Орихива, на линијата на фронтот.

- Не застануваме тука, кажа командантот кој ги предводел војниците во Роботин и го користи военото име „Комбат“.

„Следно го имаме (градот) Бердјанск, а потоа уште повеќе. Јас веднаш им ставив до знаење на моите борци: нашата цел не е Роботин, нашата цел е Азовското Море“, изјави командантот „Комбат“.

Роботин е на околу 100 километри од Бердјанск, пристаниште на брегот на Азовското Море и 85 километри од стратешкиот град Мелитопол. И двата града се окупирани од руските сили по сеопфатната руска инвазија врз Украина, на 24 февруари минатата година.

Москва не потврди дека Украина напреднала во Роботин.

Американски официјален претставник минатата недела изјави дека се чини дека украинските сили нема да можат да стигнат до Мелитопол во нивната контраофанзива, со намера да ги одвојат руските сили на југ.

Бранејќи ја украинската стратегија во контраофанзивата претседателот Володимир Зеленски неделава ги отфрли забелешките дека украинските сили се лошо распоредени и го повтори своето верување дека Киев ќе ја поврати целата  територија заземена од Москва.

- Ги минавме главните патишта кои беа минирани и доаѓаме до оние линии каде што можеме да одиме напред. Сигурен сум дека од тука ќе одиме побрзо, изјави командантот „Комбат“.

Тој додаде дека украинските војници сега навлегле на територии каде што има само „руски логистички групи“ и каде јасно стави до знаење дека не очекува руската одбрана да тешко да се пробие.

– Одиме напред во ослободувањето на сите наши територии, рече тој. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан