Ковачевски: ЈО да реагира за дивоградбата на „Пластичарска“, на народот му е преку глава од криминал и од изигрување на законите
- Како што напомена Ковачевски, на народот му е преку глава од криминал и од изигрување на законите.
Скопје, 4 септември 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски денеска јавно го повика Јавното обвинителство да реагира во врска со една од дивоградбите на улицата „Пластичарска“ во Скопје.
Како што напомена Ковачевски, на народот му е преку глава од криминал и од изигрување на законите.
-Јавно кажав дека го повикувам Обвинителството да реагира. Не можам да знам дали отворило случај. Но, еве, уште еднаш ви кажувам дека во текот на оваа недела писмено ќе го прашам Министерството со оглед на тоа што имаме поделени надлежности, до каде е тој случај и дали тие се информирале од средствата за јавно информирање, а за сите други детали може да ви каже градоначалникот. Ме прашавте дали некој не кочи. Не не кочи никој. И треба институциите да постапуваат така како што е по закон затоа што на народот овде му е преку глава од криминал, од изигрување на законите и од правење финансиски средства на грбот на граѓаните. Законот треба да важи за сите. Има институции кои идентификуваат прекршување на законот, тоа е во овој случај Инспекторатот во Општината Центар, а другите институции што треба да го санкционираат исто така треба да бидат на ниво на задачата зашто доста беа попусти 30 години во оваа држава некој да се чувствува државата да му е мајка, а на некому да му е маќеа, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник за доградба на основно училиште во Општина Центар.
Според градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, веќе е инициран состанок со Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ).
-Известено е Јавното обвинителство од моја страна. Имавме и непосредни состаноци, а дополнително се известени и со целосна документација за постапката за овие два предмета. Иницирав состанок и со ДИГУ и со Министерството за транспорт и врски за да поразговараме за самата тема. Ние имаме двапати дадено решение за рушење, ќе стоиме позади тие решенија да се извршат во целост. Во моментов се е поднесено од наша страна и информирани се сите институции што треба да се информираат во тој дел, истакна Герасимовски. мч/аа/
фото: МИА архива