• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: Српската заедница во Северна Македонија има значаен придонес во заедништвото што го градиме низ векови

Ковачевски: Српската заедница во Северна Македонија има значаен придонес во заедништвото што го градиме низ векови
Скопје, 27 јануари 2022 (МИА) - Признавањето на етничките, националните, верските и културните разлики е посебноста и суштината на нашето заедништво. Во тоа наше заедништво, што го градиме низ вековите и што го негуваме денес, свој значаен придонес има и српската заедница во Северна Македонија. Многу е значајно што тој придонес се прави по угледот на големиот светител Свети Сава, изјави премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на Свечената Светосавска Академија. Академијата по повод националниот празник на Србите во Република Северна Македонија оваа вечер се одбележа по 15-ти пат. Овој ден, како што посочи Ковачевски, е посветен на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ, Свети Сава, втемелувач на самостојната српска православна црква и нејзин прв архиепископ. - Кога велиме дека неговото дело инспирира, пред нас ја имаме и нашата определба, определбата на граѓаните на Република Северна Македонија да градиме и негуваме општество еднакво за сите. Граѓанско, едно општество за сите во кои ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебната почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја, истакна премиерот, упатувајќи срдечни честитки по повод националниот ден на Србите во Република Северна Македонија. Жељка Цвијановиќ, претседателка на Република Српска, во име на граѓаните на Република Српска и во свое име упати топли братски поздрави и благодарност на поддршката, разбирањето, и, како што рече, добрата соработка. - Србите во Северна Македонија се автохтон народ присутен со векови, со богато културно и историско наследство. Средновековната, но, и современата историја на нашиот народ е непоимлива без Скопје, Куманово, Битола, Кајмакчалан, за што сведочат бројните споменици, преубавите цркви, манастири и вие, тука присутни, кои гордо го славите името на Свети Сава и својот национален празник, рече таа. Дополни дека е уверена дека токму српската заедница во оваа земја може да биде онаа која што дополнително ќе ги поврзе институциите, уметниците, академската заедница, спортистите и многу други. Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, ги поздрави присутните во свое име и во името на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, и се заблагодри на срдечниот прием и покровителството. - Во Светосавито е всушност собрана нашата желба да живееме заедно во мир и љубов, во братство со другите. И има ли поубаво место, има ли поубаво место на светот, драги пријатели, да се изговори оваа порака токму тука во Скопје. Има ли поцврст и поверодостоен начин да се обврзете некому на љубов и пријателство од Светосавскиот печат. Уверен сум дека нема, посочи Селаковиќ. Одборот за доделување на признание и награди на Српската заедница во Македонија по повод одбележувањето на Националниот празник на Србите во Република Северна Македонија, Свети Сава, традиционално, и оваа година ја додели „Светосавската повелба“ на истакнати и заслужни припадници на српскиот народ и институции кои на најдиректен начин се занимаваат или помагаат во опстанокот и промоцијата на народот и неговите вредности. Претседателка на српската заедница во Македонија, Гордана Јовиќ Стојковска, ги додели признанијата на Бори Ристиќ, Зорка Масин и постхумно на Добривоје Томиќ и Томислав Жугиќ. Свети Сава е основач на првата српска црква, позната како Пеќка патријаршија. Во 1 219 година тој успеал ја издејствува од византискиот цар и од вселенскиот патријарх независност на Српската православна црква, а тој бил прогласен од страна на Цариградската патријаршија за прв српски архиепископ. Подоцна, заедно со својот татко, Свети Сава го подигнал манастирот Хилендар, како и многу други манастири, цркви и училишта во денешна Србија. ар/цр

Остани поврзан