• четврток, 14 ноември 2024

Ковачевски: Спречивме големи ценовни шокови за граѓаните и стопанството

Ковачевски: Спречивме големи ценовни шокови за граѓаните и стопанството
Скопје, 8 февруари 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за ТВ Алсат-М истакна дека Владата ги презеде сите неопходни чекори уште на почетокот на енергетската криза за да се ублажат ценовните шокови за граѓаните и стопанството. - Го намаливме ДДВ-то за резиденцијалните потрошувачи, односно за домаќинствата и за малите потрошувачи од 18 на 5 отсто бидејќи го предвидовме ова што се случува. Издвоивме финансиски средства во буџетот во значителен износ со цел да можеме да извршиме субвенционирање на трошоците за електрична енергија која што граѓаните ја плаќаат, за да не се случи ценовен шок за граѓаните и тоа не се случи бидејќи има држави каде што за 50-60 проценти е покачена цената на струјата, рече Ковачевски и дополни дека од оваа перспектива со мерките што се преземаат континуирано сѐ уште се држат до основното сценарио во однос на цената на електричната енергија. Премиерот Ковачевски посочи дека предвидувањата укажуваат дека кон средината на оваа година ценовниот притисок ќе се намали и дека ќе следува стабилизација на цените. - Уште во првите денови од мандатот, оваа Влада покажа ефикасност на дело и спроведе конкретни чекори што значат надминување на предизвиците од актуелните кризи, порача Ковачевски. Уште првиот ден, како што додаде, на првата седница на Владата, донесена е одлука за преземање на управувањето со БЕГ и заради таа одлука, вели, сега има сега непречено снабдување со топлинска енергија во Скопје. - Потоа на втората седница донесовме одлуки за справување со енергетската криза и трето, одржавме кризен штаб на кој што донесовме одлуки во однос на отпочнувањето на школската година. Гледате дека сите три одлуки беа донесени и спроведени, истакна Ковачевски. Тој посочи дека оваа Влада својот легитимитет го црпи од резултатите на изборите од 2020 година и дека она што е значајно во однос на нејзиното функционирање, е дека таа се заснова на програмски принципи и сите заложби на коалиционите партнери се вградени во програмата. мс/са/  

Остани поврзан